Иако сѐ уште е значително висок, забележан е пад на кредибилитетот на ЕУ и важноста на ЕУ во животите на македонските граѓани, но Унијата се уште се смета за најголем сојузник на државата (во 2018, 72% од испитаниците се изјасниле дека би гласале на референдум за влез во ЕУ, додека 2019 така одговориле 65%).  Во 2018 за 80% од испитаниците било важно да влеземе во ЕУ, додека во 2019 така се изјасниле 65% од граѓаните.

Поддршката за членство во ЕУ бележи значителен пад од 15 проценти во споредба со последните шест години. Една третина од етничките Македонци се убедени дека Северна Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ, а близу 20% од населението има евроскептични ставови кои се поизразени кај постарата популација.

Неостварувањето на потребните реформи за влез во ЕУ и неподготвеноста на ЕУ да ја прифати Северна Македонија како своја членка се перципирани како најголеми бариери на перспективите на Северна Македонија за членство во ЕУ.

Повеќе од половина од испитаниците (55%) сметаат дека Северна Македонија не е подготвена за членство во ЕУ, додека 37% сметаат дека е подготвена. Мнозинството граѓани (57,8%) не веруваат дека државата ќе добие датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ во 2020 година, додека една третина (31,9%) остануваат оптимисти дека ова би можело да се случи.

Европската Унија според граѓаните е најголем сојузник на земјата (43,2), потоа следува Русија (20%) и САД (16,3%).

Ова се дел од наодите од двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани денеска во Јавна Соба во Скопје.

Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски потенцираше дека лошата вест која произлегува од овие истражувања е дека кредибилитетот на Европската Унија е намален и дека засилено се чувствуваат ефектите од одложувањето на започнувањето на преговорите со нашата земја.

„Намалена е и важноста на ЕУ во животите на нашите граѓани и тој процес се очекува и понатаму да има негативен тренд доколку се одложува почетокот на преговори или ЕУ не си стои на зборот. Добрата вест е што оваа ситуација на некој начин отвара можности, односно во време на криза е добро кога јавноста се свртува кон самата себе и се зголемува критичноста дека реформите кои што се случуваат се случуваат само поради нас самите. Тоа укажува дека јавното мислење го преживеало тестот на реалноста“, рече Трошановски.

Сандра Кољчакова, програмски менаџер во Фондација Конрад Аденауер истакна дека анализите се значајни затоа што даваат осврт како јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија се развивало во последните пет години.

„На 12 април граѓаните ќе излезат на избори и ќе го дадат гласот за тоа што политичките опции прават во поглед на европските интеграции и колку тие европски интеграции се сега важни за самите граѓани и дали политичките партии треба да ги постават европските интеграции на врвот на агендата на нивните политички програми кои допрва треба да ни ги престават. Политичките партии сега треба овие анализи да ги искористат за да видат кои им се потребите на граѓаните, што тие сакаат и на кој начин ќе одговорат на тие барања“, вели Кољчакова.

Двете истражувања на авторите Иван Дамјановски, Иван Николовски и Мари Јеленка Кирхнер може да ги прочитате на македонски и англиски јазик на следните линкови:

Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“ (2014 – 2019)

Analysis of The Public Opinion About the Macedonian Process of Accession to the EU (2014-2019)

Што сега? Неизвесноста на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ во 2019

What now? The uncertainty of North Macedonia’s EU accession in 2019