Граѓаните секојдневно се среќаваат со услуги кои ги нудат јавните претпријатија и затоа (не)квалитетот кој го нудат го обликува нивното (не)задоволство од јавните услуги.

Кога доцните на работа зошто не дошол автобусот кој ви е потребен, кога ќе ви се дупне гума на автомобилот поради оштетени улици или кога е преполн контејнерот и немате каде да го фрлите ѓубрето, ги обвинувате јавните претпријатија кои требале овие услуги да ви ги овозможат без пречки.

Квалитетот на услугите кои ги обезбедуваат јавните претпријатија зависи од квалитетот на луѓето кои ги управуваат. Затоа исклучително е важно да се работи континуирано на нивно подобрување и поефикасно работење.

Управните одбори ја одредуваат насоката на претпријатието, а надзорните одбори треба да ја контролираат законитоста во работењето. Потребно е овие лица да имаат соодветно искуство кое ќе придонесе во доброто управување со претпријатието, подомаќински да се трошат парите на граѓаните, а со тоа и да се зголеми квалитетот на услугите кои треба да ги пружат.

Промената на Законот за јавни претпријатија ќе овозможи транспарентен избор на управувачките структури кој ќе биде насочен кон потребното претходно искуство и способности на кандидатите во соодветната област, за тие да можат правилно да го управуваат претпријатието.

Проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела” (Improved good governance of state owned enterprises and independent state bodies) го спроведува Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и е финансиран од Обединетото Кралство преку Владата на Обединетото Кралство.