logo

Партиските програми и борбата против корупцијата: визија или предизборен памфлет?

Share on facebook
Share on twitter

Предизборието е период кога граѓаните очекуваат политичките партии да покажат дека ги разбираат нивните проблеми и очекувања. Повеќе од обично, политичките партии треба да покажат дека имаат јасни и одржливи идеи за како да пристапат за нивно решавање. Во услови на висок степен на недоверба кон политичарите, предизборните активности се последната шанса на партиите за подобрување на овие перцепции и подобри резултати на изборите.

Покрај дневните настапи и интензивната кампања, еден од најдобрите начини да се види дали политичките партии имаат визија за следните четири години се програмите на политичките партии.  Програмите треба да понудат детален преглед на ставови и приоритети за клучните општествени проблеми.

Несомнено е дека политичките партии ќе се обидат да се доближат до граѓаните преку потенцирање на борбата против корупцијата и владеењето на правото, имајќи предвид дека корупцијата е важна тема за граѓаните и дека секојдневно ги засега.

Сепак, политичарите треба да направат повеќе за да ги убедат граѓаните дека понудените решенија ќе ја намалат корупцијата. Програмите на политичките партии треба да понудат иновативни решенија со кои ќе се обидат да убедат 69% од граѓаните кои сметаат дека владините политики не можат суштински да ја намалат корупцијата.

Мерките и активностите предвидени во политичките програми се важен индикатор за целокупната посветеност на политичките партии, и покрај постојаните сомнежи за имплементацијата на предвиденото. Потребно е јасно да се определат улогите, роковите и потребните ресурси за остварување на зацртаните цели. Партиите треба да одговорат на прашањето дали ќе инсистираат на промени во правната рамка или ќе се насочат кон засилување на имплементацијата на постоечките решенија. Без разлика на пристапот, понудените решенија треба да се базираат врз детектирани ризични подрачја и анализи базирани на докази.

Покрај содржината на самите политички програми, важно ќе биде во предизборниот период да се дискутира за механизми за надминување на предизвиците со висока корупција пред тенденцијата за меѓусебно обвинување за состојбите. Политичките партии треба да најават дека ќе бидат подготвени за меѓупартиска соработка при изготвување решенија од интерес на земјата. Првиот тест за ваквата посветеност ќе се случи пред самите избори, односно дали политичките партии ќе успеат да ги надминат разликите и да го донесат долгоочекуваниот Закон за јавно обвинителство.

Најпосле, во услови на неизвесност во евроинтеграцискиот процес треба да се понудат алтернативи кои ќе обезбедат континуирана борба против корупцијата без разлика на исходот на самитот на Европската Унија во мај годинава. Предложените решенија треба да се одржливи и во услови на намален надворешен притисок и интензитет на условеност од страна на Европската Унија.

Мемото за јавна политика на англиски јазик може да го прочитате тука:

Political party programs and fight against corruption: a vision or a pre-election pamphlet?

Мемото за јавна политика на албански јазик може да го прочитате тука:

Programet partiake dhe lufta kundër korrupsionit: vizion apo pamflet parazgjedhor?

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел – поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува ставовите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).

Поврзани објави