Минатата (2019) година беше амбивалентна во поглед на борбата против корупцијата. Годината започна со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Во февруари 2019 година, низ процес на јавно интервју во Собранието, беше избран нов состав на ДКСК. Овој процес на соработка и консултација е позитивен пример за начин на избор и назначување, нотиран и во извештајот на Европската комисија од 2019 година. Истата година ни ги донесе и новите закони за јавни набавки и оној за пристап до информации од јавен карактер.

Од новата Антикорупциска комисија многумина очекуваа значително подобрен пристап во борбата против корупцијата. Таквите очекувања се исполнија, бидејќи подновената ДКСК отвори многу случаи, голем дел од нив против етаблирани сегашни и поранешни функционери.

Меѓутоа, тоа што во борбата против корупцијата се забележа во 2019 година, во услови на зголемен број случаи покренати од ДКСК, е недостатокот на фокус. Во земја каде што корупцијата е раширена, институциите не може да се борат против корупцијата на сите фронтови. Недостасуваше стратегија која ќе определи каде државата прво ќе се обиде да ја порази корупцијата. Останува да видиме дали Националната стратегија, која се подготвуваше во втората половина на минатата година, ќе го одговори ова прашање.

Но 2019 година, покрај надежта во ДКСК, летото ни го донесе веројатно најголемото разочарување во борбата против корупцијата. Во случајот наречен „Рекет“, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева беше обвинета за злоупотреба на службената должност. Наводната вмешаност во корупција, од лицето кое требаше да се справи со учесниците во заробувањето на државата, го порази уверувањето дека како општество можеме да се справиме со корупцијата.

Некои се обидоа на случајот да гледаат од позитивната страна, па самото обвинение го толкуваа како системот да функционира. Меѓутоа, случајот покажа на виделина како внатрешните механизми за превенција на корупцијата во институциите не функционираат. Од личниот интегритет на вработените, па сè до далеку поважните процедури кои треба да спречат можност за злоупотреба на служба, примање поткуп, преференцијален третман итн.

Токму овој случај треба да го врати во фокус внатрешниот отпор на институциите на агендата за 2020 година. Анализите на внатрешните ризици од корупција и плановите за интегритет, предолго се одложуваат и никако да го заземат централното место во превентивни активности на институциите.

Оттука, пратениците во 2020 година имаат две значајни задачи. Првенствено, потребно е да ги натераат институциите да се фокусираат на помалку случаи, но случаи на висока корупција. Второ, заедно со ДКСК, потребно е да се види до каде сме со проценките на ризици од корупција на ниво на институции – обврски кои произлегуваат од реформата на администрацијата.

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-CorruptionTalkinParliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).