Вонредните парламентарни избори кои треба да се одржат во април 2020 година беа причина Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) да ги проверат ставовите на граѓаните за актуелните политички случувања во земјата.

Според истражувањето, поголем број од испитаниците сметаат дека земјата се движи во лоша насока (46,5%). За разлика од нив 32% сметаат дека земјата се движи во добра насока, а секој петти (19,9%) смета дека насоката е иста, односно, ништо не е променето. Мнозинство од испитаниците (68,0%) сметаат дека Владата не направила доволно за случајот Рекет. Мнозинство (55,1%) се и оние кои сметаат дека опозицијата не е доволно посветена на реформската агенда кон ЕУ.

На прашањето „Дали според Вас, треба целосно да се имплементира Преспанскиот договор, без оглед на исходот на последниот самит на Европскиот совет?“, една третина од испитаниците (33,2%) одговориле позитивно, но мнозинството од испитаниците (55,8%) одговориле негативно.

Речиси половина од испитаниците сметаат дека Владата е виновна за недобивање на датум за преговори со ЕУ (46,8%). Мало малцинство од испитаниците вината за недобивање на датум за преговори ја гледаат кај Франција (22,5%) и внатрешните проблеми на ЕУ (15,6%). Незначително малцинство од испитаниците сметаат дека опозицијата е виновна за недобивање на датум за преговори со ЕУ (9,7%). На прашањето за тоа кои се алтернативите сега, мнозинство од испитаниците одговориле дека треба да продолжиме со реформите без оглед на исходот со датумот за започнување на преговори со ЕУ (65,3%), а мало малцинство од испитаниците одговориле дека сега алтернатива треба да ни биде Евроазиска Унија (21,8%).

Истражувањето е составено од три дела: Моментални политички случувања во државата, Ставови во однос на изборниот процес и Доверба во политичарите и политичките партии. Останатите два дела од истражувањето ќе бидат објавени во текот на неделата.

Податоците за последната анкета беа прибирани со теренска анкета во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.

Првиот дел од истражувањето може да го прочитате на следниот линк:

Гласачки ставови и перцепции за актуелни политички случувања