Во рамки на истражувачката компонента на проектот “Развој на капацитети, соработка и култура во надзорот врз безбедносните сектори во Албанија, Косово и Северна Македонија (ДЕКОС)”, во периодот од 2 до 6 декември 2019, беа реализирани состаноци и интервјуа со различни засегнати страни од областа на надзорот над безбедносниот сектор во Република Северна Македонија.

Интервјуата ги спроведоа Питер Ванхојте и Марајан Хартог, претставници на Центарот за европски безбедносни студии (ЦЕСС) и Александра Јовевска Ѓорѓевиќ и Сара Јанеска, претставници на ИДСЦС.

Целта на оваа компонента е анализа на околностите, предизвиците и потребите на актерите кои вршат надзор врз безбедносниот сектор во државата. Наодите од истражувањата ќе бидат искористени за креирање на компонентата – градење на капацитетите, согласно специфичните потреби на таргет групите.

Проектот „Развој на капацитети, соработка и култура во надзорот врз безбедносните сектори во Албанија, Косово и Северна Македонија (ДЕКОС)” цели кон зајакнување на парламентите, граѓанските организации и останатите чинители во остварувањето на демократски надзор врз безбедносниот сектор. За остварување на целите, проектот вклучува активности за градење на капацитетите, зајакнување на соработката и поттикнување на култура на надзор врз безбедносните сектори во Албанија, Косово и Северна Македонија.