logo

Ко-претседателството на Северна Македонија и Бугарија со Берлински процес го отвара патот за поблиска соработка помеѓу регионот и ЕУ

Share on facebook
Share on twitter

Институт за демократија „Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС), координатор на Тинк Нет Мрежата на Југоисточна Европа (SEE Think Net), денеска во Министерството за надворешни работи го организираше настанот „Научени лекции од Познањ 2019: Во очекување на ко-претседателството на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот Процес во 2020“.

Настанот, кој имаше за цел да се осврне на полското претседателство со Берлинскиот Процес во 2019, како и да поттикне дискусија за очекувањата од македонско-бугарското ко-претседателство во 2020, е организиран како дел од проектот „Кон одржлива регионална соработка – Берлинскиот процес и понатаму“, поддржан од програмата за политики „Тинк и Линк 2019“ на Европскиот Фонд за Балканот.

Настанот го отворија македонскиот заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски и Шимон Шинковски вел Сек, државен секретар за полската дијаспора, европска политика, јавна дипломатија и културни работи.

Жерновски во своето обраќање истакна дека тинк-тенк заедницата на земјите од Западен Балкан е важен чинител во Берлинскиот процес и придонесува за подобра соработка во регионот и за креирање на политики особено во контекст на европските интеграции.

„По шест претседателства со Берлинскиот процес, што секогаш ги држеше една земја членка, годинава  лидерите во Познањ одлучија претседателство да го доверат на две држави: една земја членка на ЕУ, Бугарија и една земја од Западен Балкан, Северна Македонија. Ова ко-претседателство го отвора патот за понатамошна поблиска соработка помеѓу регионот и ЕУ. Во исто време е признание за придонесот на двете држави во регионалната соработка и стабилноста“, рече Жерновски.

Шинковски вел Сек потенцираше дека полското претседателство со Берлинскиот Процес ги подобрило билатералните односи на Полска со Северна Македонија и останатите партнери од Западен Балкан.

„Веќе започнавме размена на најдобри практики со Северна Македонија и Бугарија и едвај чекаме да им понудиме понатамошна поддршка. Граѓанските организации, особено тинк-тенк организациите и младинските организации беа во срцето на програмата за време на нашето претседателство со Берлинскиот процес. Многу сум благодарен за вредните сознанија што експертите кои учествуваат на денешната конференција ги дадоа за време на настаните организирани за тинк-тенк заедницата и граѓанското општество низ целото наше претседателство. Ја ценам одличната соработка на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) и Полскиот центар за источни студии (OSW)“ , додаде Шинковски вел Сек.

По нивните обраќања, публиката беше поздравена од амбасадорот Виеслав Тарка, Координатор на Самитот за Западен Балкан 2019 година,  Зоран Нечев, раководител на Центарот за европски интеграции при ИДСЦС и координатор на  SEE Think Net,  Едвард Митевски од Министерството за надворешни работи на РСМ и координатор на Берлинскиот Процес за РСМ, Даниел Стефанов, програмски координатор во софијската канцеларија на Европскиот совет за меѓународни односи (ECFR) и Ана Марјановиќ-Рудан, програмска советничка во Европскиот Фонд за Балканот и координатор на Форумот на граѓанско општество за Западен Балкан.

На панелот за очекувањата од политиките на македонско-бугарското ко-претседателство со Берлинскиот Процес во 2020 учествуваа Јована Маровиќ, извршна директорка на мрежата Политикон од Подгорица, Јелица Миниќ, потпретседателка на Европското движење во Србија, Мари Јеленка Кирхнер, надворешна соработничка на ИДСЦС, Доника Емини, извршна директорка на Платформата ЦивиКос од Косово, Марта Шпала, постара соработничка во Одделот за Централна Европа при Центарот за источни студии од Варшава и Немања Тодоровиќ-Штиплија, главен и одговорен уредник на веб-магазинот European Western Balkans.

Поврзани објави