Институт за Демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), во периодот 2009 – 2019, во континуитет ја следи перцепцијата на граѓаните за работата на Собранието, а резултатите од анкетите се публикуваат на годишно ниво. Оваа компаративна анализа ги прикажува резултатите на перцепциите на граѓаните во последните десет години, го прикажува движењето на трендовите во одредени области, и ги акцентира клучните промени во тие трендови.

Теми кои се интерес на оваа анализа, се однесуваат на перцепцијата на граѓаните во однос на: информираност за работата на Собранието, контрола и надзор на Собранието врз извршната власт, функции на Собранието, јавноста во работата на Собранието, кого претставуваат пратениците, Собраниска дебата и средна оценка за работата на Собранието.

Перцепцијата на граѓаните во однос на работата на Собранието, бележи генерална константност во најголем дел од адресираните области во последните 10 години. Овој заклучок е потврден и преку средната оценка со која граѓаните ја вреднуваат работата на Собранието, и која во периодот 2009 – 2019 се движи околу 3 (на скала од 1 до 5 каде 1 е најлошо, а 5 е најдобро).

Мнозинството од испитаниците, во скоро сите години, сметаат дека пратениците целосно или делумно ги претставуваат интересите на граѓаните. Сепак, од друга страна, во последните 5 години константно се зголемува процентот на граѓани кои не знаат како можат самите да се вклучат во иницирањето или носењето на законите.

Како примарен извор за информирање околу работата на Собранието во сите 10 години, граѓаните ја наведуваат телевизијата, и делумно интернет порталите и социјалните медиуми. Собранискиот телевизиски канал и веб страна, како официјални канали за работата на Собранието остануваат значително неискористени.

Скоро половина од испитаниците, во последните 10 години, имаат негативна перцепција во однос на контролата на Собранието врз извршната власт. Во 2009 година, овој процент бил најголем и изнесувал 58%, додека во 2014, е најмал и изнесува 40%.
Резултатите укажуваат дека мнозинството испитаници изјавиле дека Собранието е делумно или целосно затворено за учество на јавноста во неговата работа.

Дополнително, граѓаните делат генерално негативна перцепција и во однос на тоа колку пратениците се отворени за забелешките на јавноста при изработката на законите како и во однос на тоа колку се достапни за средби со граѓаните.
Перцепцијата на мнозинството граѓани во сите набљудувани години во периодот 2009 – 2019 е дека пратениците не се осврнуваат на проблемите на општините и локалните заедници.

Околу две третини од анкетираните граѓани, во сите набљудувани години, сметаат дека во парламентарните дебати владејачкото мнозинство во најголем дел или воопшто не ги зема предвид аргументите на опозицијата при носењето на одлуките.

Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк:

Перцепцијата на граѓаните за работата на Собранието: Компаративна анализа за периодот 2009 – 2019