Новиот Закон за јавни набавки (ЗЈН), стапи на сила на 1 април 2019. Законот кој претходеше претрпе 17 измени и дополнувања од донесувањето во 2007 година. Новиот закон беше анализиран од Центарот за граѓански комуникации во публикацијата „Анализа на антикорупциските одредби и ризиците од корупција во новиот Закон за јавни набавки“.

Новиот законски текст, беше подготвен во непосредна соработка помеѓу институциите и граѓанските организации активни во областа. Се очекува со новото решение да се намали просторот за субјективно однесување на договорните органи, како и злоупотреби во трошењето на јавните средства. Посакуваните промени во оваа насока се овозможени преку повеќе одредби.

Една од таквите одредби е управната контрола која претставува контролен механизам кој Бирото за јавни набавки може да го искористи секаде каде ќе процени дека постои ризик од кршење на одредбите од ЗЈН. Дополнителен значаен исчекор е воведувањето на пет нови антикорупциски одредби во Законот за јавни набавки кои би требало да придонесат кон надминување на предизвиците за кои искуството до сега покажало дека се јавуваат од процесот на планирање и спроведување на постапката, па сé до реализацијата на договорот. Овие одредби се содржани во членовите 33-38, а се однесуваат на општите мерки за спречување и пријавување корупција, забрана за вршење јавни набавки на носители најавни функции, заштита на интегритетот и примената на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Покрај воведувањето на новите одредби, видни се неколку ризици од корупција кои се уште постојат. Едно вакво ризично подрачје е спроведување јавна набавка со преговарање, а без објавување оглас. Иако ЗЈН дава конкретен приказ во кои случаи е применлива оваа постапка, анексите на договорите остануваат недоволно регулирани и опстојуваат како ризична точка во спроведувањето на набавката. И покрај намалувањето на максималната висина на анексите, ова останува поле кое треба да биде под буден надзор од надлежните институции и јавноста.

Во однос на фаворизирањето на економските оператори, интервенциите во членовите 89-94 се чекор во правилна насока, а со нив се редефинираат неопходните критериуми што би ја докажале способноста на операторот за извршување на договорот. Сепак, член 78 кој го овозможува делењето на тендерите по области остава простор за манипулација и фаворизирање на извесен економски оператор преку намерна и неоправдана поделба. Оттука потребна е детална анализа на ризиците кои произлегуваат од ваквото делење на тендерите.

Новиот законски текст е бирократски либерализиран и усогласен со одредбите на ЕУ, што се нотира и во извештајот на ЕУ од 2019. Истовремено, дава одговор на дел од научените проблеми од досегашното спроведување на јавните набавки. Со ова законско решение се остава поголема независност на одговорните институции, но истовремено се јавува потребата од зајакнување на надзорот врз соодветната имплементација на законот.

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).