Потребна е поголема информираност и комуникација за позициите на француското општество и политичката елита за Северна Македонија, но и за нашите перформанси како општество кон француската јавност и политичари, рече претседателот на Институт за демократија „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски на денешниот брифинг со новинари за минатонеделната застапувачка посета на Париз која трите тинк-тенк организации, ИДСЦС, Евротикнк и ЕПИ ја остварија од 2 до 4 октомври.

„Генералниот впечаток беше дека постои големо ниво на непознавање помеѓу двете земји, слабо ниво на соработка и комуникација што создава предрасуди, погрешни проценки. Впечатоците од средбите што ги имавме таму се неутрално позитивни и дека е подобрена перцепцијата во споредба со изминатиот период околу перформансот и заслугите на земјата да започне преговори со Европската Унија“, истакна Трошановски.

Тој информираше дека главната грижа на француското општество и на политичката елита е да се осигурат дека нема да има регрес во реформите откако земјата ќе ги започне преговорите односно да се зацврсти методологијата на проширување што би значело дека земјите суштински ќе бидат посветени на спроведување на реформите.

Во однос на можното одвојување на Северна Македонија и Албанија, Трошановски потенцираше дека доминантното политичко расположение е дека земјите не треба да се одвојат.

„Меѓутоа постојат креативни решенија и како што сугерираше одлуката на Бундестагот во Германија, двете земји да започнат преговори или Македонија секако да започне преговори, а Албанија да исполни дополнителни услови за да го започне тој процес“, додаде тој.

ИДСЦС, Евротинк и ЕПИ за време на застапувачката посета во Париз, се сретнаа со високи претставници на францускиот парламент, француската влада, на граѓанското општество и академици со кои разговараа за европската перспектива на Северна Македонија пред претстојната одлука на Советот на ЕУ за почнување на преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Раководителите на трите политички тинк-тенкови од 2 до 4 ти октомври остварија средби со поранешниот амбасадор на Франција во Северна Македонија Ален Ле Роа од „Охридската група“, со Лилиан Танги пратеник во Француското национално Собрание и заменик-претседател на Комисијата за европски прашања, со Арно Базен, претседател на групата за пријателство со Северна Македонија во францускиот Сенат, со Марта де Сидрак, претседателка на групата за пријателство Франција-Западен Балкан при Сенатот и беа во посета на Фондацијата Жан Жорес, Институтот Жак Делор и други чинители.