Меѓу граѓаните постои широко распространета перцепција за селективното владеење на правото. Оваа перцепција се должи како на личните, така и на пренесени искуства од општеството во целина. Податоците од истражувањето на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата покажуваат дека повеќе од 20% од граѓаните имале потреба или познаваат некој кој имал потреба да искористи мито, врски, подарок или услуга со цел да добие соодветен третман во судството, образованието и полицијата. Кај здравствениот систем се  забележува разлика од дополнителни 20 процентни поени. Согласно ова, според граѓаните, речиси да не постои област во која не постои фаворизирање и подмитување.

Во формирањето на перцепцијата за распространетоста на корупцијата голема улога играат пренесените, а не само личните искуства со коруптивните дејствија. Оттука, се јавува јас меѓу перцепциите и искуството, кој го претставува општиот впечаток за обесправеноста на поединецот во систем поткопан од корупцијата.

Потребно е преземање серија конкретни чекори од надлежните институции во насока на поместување на перцепциите на граѓаните во однос на распространетоста и казнивоста на корупцијата и коруптивните дејствија. Иако намалувањето на перцепцијата за корупцијата би бил процес побавен од фактичкото намалување на истата, тоа не смее да ги поколеба институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата.

Клучно е да се демонстрира дека „правилата на игра“ во општеството се променети,  корупцијата не е опција и законите се спроведуваат во пракса. Затоа, важно е спроведувањето на пропишаните правила да започне од самиот врв, односно Владата, општините и регулаторните тела како органи со најголема тежина. Дури откако граѓаните ќе го почувствуваат ова, можеме да очекуваме дека ќе се намали перцепцијата на корупцијата.

Најважната улога во оваа констелација ќе припадне кај Собранието. Оваа улога започнува со активна вклученост на Собранието во донесувањето на Националната стратегија за борба против корупцијата и алокацијата на неопходните ресурси за имплементација. Собранието мора да обезбеди редовен отчет од страна на Државната комисија за спречување на корупција, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи пред пратениците. Преку надзорни расправи пратениците треба да се запознаат со состојбата во овие институции и нивниот учинок во борбата против корупцијата. Не треба да се занемари и користа од воспоставување ефикасна соработка меѓу Собранието и владиното оперативно тело за борба против корупцијата, имајќи на ум дека во истото членуваат претставници од највисоките редови на институциите од извршната власт.

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).