Улогата на управните и надзорни одбори во јавните и државни претпријатија, како и надзорните органи во институциите е да обезбедат нивно правилно работење.

Оттука, ИДСЦС смета дека е исклучително важно овие раководни структури во МЕПСО, ЕСМ, АД Аеродроми на Република Северна Македонија, АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката, ДУД Мирка Гинова, Централниот регистар како и Советот на јавни обвинители, детално да ѝ образложат на Државната комисија за спречување на корупцијата како утврдиле отсуство на одговорност по покренатите случаи за непотизам.

Низ повеќе истражувања е утврдено дека граѓаните мислат дека вработувањето во јавниот сектор е често засновано на блискост до моќни луѓе (непотизам) или партиска заслуга (клиентелизам). Во анкетно истражување спроведено во 2017 година, 75% од граѓаните сметаат дека вработувањето по партиска припадност е често а 69% дека се потребни врски. Низа на случаи на непотизам и клиентелизам објавени во медиумите, покажуваат дека перцепцијата на граѓаните не е случајна.

Оттука, раководните структури во институциите каде Антикорупциската комисија утврдува сомнеж за ваква пракса потребно е сериозно да ги испитаат таквите наводи. Градење на отпор кон корупција е важна задача и ќе обезбеди намалување на шансата за повторување на лошата пракса.

Институтот за демократија ја поздравува одлуката на Антикорупциската комисија да побара дополнително образложение за одлуките на управните и надзорните одбори на споменатите институции.

Дополнително, укажуваме дека доколку се утврди дека нивните одлуки не се засновани на сеопфатна внатрешна истрага, каде објективно отфрлиле одговорност на директорите и раководителите, обврска е на основачите на овие институции да ги повикаат на одговорност. Во таа смисла, доколку се покаже неквалитетно постапување на надзорните структури, Владата и Собранието имаат обврска да ги разрешат.