Управувачките структури на јавните претпријатија и друштвата во целосна државна сопственост играат важна улога во доброто управување со јавните претпријатија. Управните одбори ја одредуваат насоката на претпријатието, и обезбедуваат мост помеѓу основачите (Владата и општините) и целите кои тоа јавно претпријатие треба да ги исполни. Надзорните одбори треба да ја контролираат законитоста во работењето. Оттука и потребата лицата во управните одбори да бидат искусни во делокругот на работата на претпријатието, а оние во надзорните со соодветно искуство во материјалното и финансиско раководење.

Меѓутоа, истражувањето кое Институтот за демократија го спроведе во 2018 година покажа дека постои недостиг на соодветно искуство кај овие две управувачки структури. Дури 43% од членовите на управните одбори немале искуство во соодветната област, а дополнителни 8% имале искуство помеѓу една и три години. Кај надзорните одбори, само 28% се правници или економисти – потребните области на образование за соодветна контрола врз материјалното и финансиско работење.

Ова укажува на потребата од реформирање на начинот на кој се бираат овие две управувачки структури. Целта е да се креира модел кој е оптимален и лесен за спроведување, а истовремено ќе гарантира дека ќе се изберат луѓе со соодветни способности.

Промената на Законот за јавни претпријатија која треба да претстои, треба да креира модел кој ќе биде ориентиран кон способности наспроти услови. Самиот процес на избор на управувачки структури треба да поаѓа од проверка дали кандидатите за управни и надзорни одбори можат да ја исполнат задачата која им е дадена. Колкаво искуство имаат во соодветна област или дали имаат претходно искуство во управување. Накратко, со што од тоа што претходно го работеле заслужиле да им биде доверена таа улога. Во такви услови, минатиот труд добива предност пред формални услови како образование.

Досегашниот модел на назначување, потребно е да се замени со интервјуа, за да се утврди способноста, а со тоа и соодветноста на најдобрите три кандидати. За овој процес да биде лесно спроведлив, потребно е да постои задолжително јавно огласување на конкурс за кандидати и јасни критериуми за административна селекција на потесен круг на кандидати. Клучна улога во процесот на селекција и интервјуа мора да имаат стручни лица од одделенијата за човечки ресурси кај основачите кои ги бираат членовите на управните и надзорни одбори.

Во целиот овој процес, потребно е да се води сметка за потребата од јавност на процесот. Граѓаните имаат ниска доверба во интегритетот при назначување или вработување на лица. Оваа доверба мора да се врати. Според тоа, потребно е, да постои соодветна видео документација на интервјуирањето од страна на лицата задолжени за човечки ресурси, видливост на бодирањето и записници при изборот со образложенија зошто се избрани токму тие кандидати од кусата листа на најдобрите три за секоја позиција.

Меморандумот за политика на албански јазик може да го прочитате на следниот линк:

Reformë e zgjedhjes së strukturave udhëheqëse në ndërmarrjet publike shtetërore

Меморандумот за политика на англиски јазик може да го прочитате на следниот линк:

Reform of the selection of governing structures in public and state enterprises

Проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела“ е насочен кон унапредување на управувачката култура кај јавните претпријатија и независните тела.

Проектот е финансиран од страна на UK aid од Владата на Обединетото Кралство. Наведените мислења не значи дека ги одразуваат официјалните ставови и политики на Британската Влада.