logo

Институционално позиционирање во борбата против корупцијата

Share on facebook
Share on twitter

Безусловната заложба за борбата против корупцијата е нешто кое се провлекува во изјавите на актуелната Влада, уште од периодот на предизборието. На 149-та седница на Владата се формираше оперативното тело за борба против корупцијата и криминалот. Иако ова тело се формира речиси две години подоцна од идеалното време, моменталната состојба дава можност Владата да покаже дека формирањето на истото не е само популистички чин и одбранбена реакција туку е резултат на политичка волја и посветеност за сериозна и системска борба против корупцијата.

Токму поради тоа, функцијата на ова тело треба да биде координативна наместо оперативна. Во известувањето кон јавноста, Владата порачува дека ова тело ќе се стави на располагање на институциите од правосудството. Меѓутоа, тоа не може да биде функција на вакво тело, бидејќи поединечните институции веќе имаат обврска непречено да соработуваат со нив. Напротив, ова тело треба да испорача стратешко осмислување и имплементација на реформите и будно да ги следи препораките и алармирањето на другите државни институции, невладиниот сектор и новинарите.

Покрај демонстрација на политичка волја, ова тело треба да ја третира и одговорноста за непостапувањето на целата Влада, а не само од страна на институциите вклучени во него. Членувањето на највисоките претставници од институциите во оперативното тело му дава дополнителна тежина на влогот кој се прави со формирањето на ова тело.

Земајќи предвид дека борбата против корупцијата е долгорочна борба на повеќе фронтови, за таа да биде успешна потребен е сеопфатен пристап кон сите потенцијално ризични подрачја. Оттаму произлегува и потребата во телото да членува и Министерството за финансии, со што би се овозможило соодветна алокација на финансии кои се неопходна инвестиција за ефикасна борба против корупцијата. Во поддршка на потребата од вклучувањето на ова министерство оди и ранливоста кон корупција во јавните финансии особено во делот на јавните набавки. Во моментов, во владиното тело членуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за Правда, Бирото за јавна безбедност, Финансиската полиција, Царинската управа, Управата за финансиско разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за национална безбедност.

Во процесот на работа на ова тело, важно е да не дојде до загрозување на независностана на други институции, ниту пак да се креира било каков простор за негативни влијанија. Оттука, потребен е механизам за трајна соработка со Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Земајќи ја предвид надлежност на Собранието за донесување на Националната стратегија за борба против корупцијата, пратениците имаат улога во донесување на документ во кој ќе бидат инкорпорирани сите релевантни чинители без да постои креирање на паралелни надлежности и меѓусебно влијание кај институциите.

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).

Поврзани објави