logo

Собрание под лупа: Анкета за перцепциите на граѓаните и Извештај за квалитетот на дебата

Share on facebook
Share on twitter

Институтот за демократија во рамки на проектот Собранието под лупа поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка спроведе теренска анкета на 1.000 испитаници за перцепциите на граѓаните и јавноста за работата на Собранието во периодот од јуни 2018 до април 2019 година и подготви Извештај за квалитетот на дебатата во Собранието, кој се однесува на периодот од 1 јануари до 30 јуни 2019 година.

Анкетата, која е спроведена во периодот од 12 до 26 мај 2019 година покажува дека граѓаните се поделени во однос на нивната запознаеност со сработеното на Собранието односно 49% од граѓаните се делумно или целосно запознаени со тоа што го сработија пратениците во овој период, додека 50% одговорија дека малку или воопшто не се запознаени со перформансот на пратениците.

Граѓаните како најкарактеристично од работењето на Собранието го издвоија усвојувањето на Договорот со Грција (26%), потоа гласањето на Законот за употреба на јазиците (21%), додека уставните промени кои произлегоа од Договорот со Грција се најдоа на трето место (14%).

За работата на Собранието речиси две третини од испитаните граѓани најчесто се информираат преку телевизија (59%), додека 15% од граѓаните се информираат од интернет портали и социјални мрежи. Само 3% од анкетираните одговорија дека информациите ги добиваат од Собранискиот канал, додека, ниеден од испитаните граѓани не ги добиваа информациите за Собрание преку интернет страната на Собранието.

Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, повеќе од половината од испитаниците (53%) сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено. Дека Собранието е целосно или делумно отворено за учество на јавноста сметаат само една третина од испитаниците (37%), додека 11% од испитаниците немаат мислење по оваа прашање.

Над две третини (72%) од испитаните граѓани сметаат дека пратениците во Собранието секогаш ги застапуваат интересите на нивните политички партии и своите лични интереси (78%). Речиси половина од испитаниците (46%) сметаат дека пратениците никогаш не ги застапуваат интересите на граѓаните.

Една третина од анкетираните (33%) односот меѓу пратениците го опишуваат како непријателски, а за 42% од граѓаните односот меѓу пратениците е натпреварувачки.

Високи 62% од граѓаните сметаат дека Владата има контрола врз Собранието. Само 17% од граѓаните мислат дека Собранието има контрола врз Владата (како што е предвидено според Уставот) а 20% од граѓаните немаат мислење по оваа прашање.

Граѓаните работата на Собранието во текот на последната година ја оценија со средна оценка од 2,9 на скала од 1 до 5 каде 1 е најлошо, а 5 најдобро.

Резултатите од теренската анкета се достапни на следниот линк:

Резултати од теренска анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието 2019

Извештајот за квалитетот на дебатата во Собранието, кој се однесува на периодот од 1 јануари до 30 јуни 2019 година, покажува дека квалитетот на дебата во Собранието е на ниско ниво односно ја добива минималната потребна оценка за да се именува како дебата.

Оценката за квалитетот на дебата за овој период, на скала од 1 до 10 е 6, што означува пад на квалитетот на дискусијата споредено со периодот јануари – јуни 2018 г., за кој оценката за квалитетот на дебатата беше 6,3, но е на исто ниво со последниот период јули- декември 2018 година.

Пратениците од мнозинството – СДСМ и ДУИ учествуваа во 40% од набљудуваните дискусии, додека опозицијата – ВМРО-ДПМНЕ и коалиција, Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Алијанса за Албанците, Движење БЕСА, Алтернатива и ДПА, учествуваа во 60% од набљудуваните дискусии.

Најактивен пратеник кој на собраниската говорница се задржал најдолго е Панчо Минов со 283 минути, а по него следуваат Трајчо Димков со 213 минути и Илија Димовски со 210 минути.

За разлика од претходниот период на известување, кога промена на став поради подобри аргументи не беше забележана во ниедна од набљудуваните дискусии, во тековниот период на известување, промена на став поради подобри аргументи е забележана во 4 случаи.

Во 32% од анализираните дискусии пратениците немаа аргументи, додека во 42% од анализираните дискусии пратениците имаа слаба аргументација, односно говорниците понудија образложение на своите позиции кое не е доволно да се смета за еден целосен аргумент.

Целосниот извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието може да го најдете на следниот линк:

Извештај од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јануари – јуни 2019)

Поврзани објави