Со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, пратениците ја донесуваат петгодишната национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Овој документ треба стратешки да ја насочи борбата против корупцијата, не само на Државната комисија за спречување на корупцијата, туку и на сите останати. Оттука и логиката пратениците да ја носат стратегијата, за претставниците на граѓаните да ја дадат потребната тежина на обврските кои сите институции треба да ги преземат.

Меѓутоа, покрај чинот на носење, потребно е пратениците активно да се вклучат во процесот на подготовка на Стратегијата. Ова е потребно поради неколку исходи за успешна борба против корупцијата.

Прво, Собранието на Република Северна Македонија претставува форум каде се среќаваат мнозинството и опозицијата, па низ еден процес на аргументиран дијалог, ќе се создадат основите за потребната политичка волја како двигател на борбата против корупцијата. Низ меѓусебна дебата помеѓу овие две страни, ќе се изгради консензус за долгорочните приоритети на антикорупциските активности, во смисла на носење политики и спроведување  на правилата. Ова ќе обезбеди долгорочна стабилност на плановите, што овозможува предвидливост на приоритетите.

Второ, активното учество на пратениците и во рана фаза на подготовка на Стратегијата, ќе овозможи координација на планираните активности со Буџетот. Активната борба против корупцијата претпоставува државна инвестиција во политики и институции. Не може да се зборува за реформи доколку на нив не се надоврзат финансиски средства. Под ова се подразбираат два типа на инвестиции. Првата е инвестиција во институции директно засегнати во борбата против корупцијата – ДКСК и Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Втората е инвестиција во институции кои работат во области под ризик од корупција. Поедноставено кажано, доколку цел е, на пример, да се намали корупција во здравството, потребно е да се намалат факторите кои ја предизвикуваат – на пример ниски плати, недоволен кадар, ограничени ресурси во болниците, недоволно ангажиран надзор.

ДКСК овој период започнува со подготовки на анализата на ризичните области на кои е потребно да се даде приоритет бидејќи борбата на сите фронтови е однапред осудена на пораз. Во следниот период, ќе треба да се донесе одлука кои ќе бидат приоритетите, на што ќе се посвети внимание, а што ќе има помала важност. Пратениците се клучната алатка која на ДКСК и ЈООКК ќе им даде легитимитет да се водат по овие приоритети, и оправдание зошто некои случаи од помала важност се пропуштаат, се со цел да се бориме како општество против високата корупција.

Проектот „Разговор за борбата против корупцијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.

Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).