Еден од често заборавените факти е дека Собранието е една од централните институции задолжени за борба против корупцијата. Пред пратениците одговараат клучните институции задолжени за ова прашање: ДКСК како превентивно тело, Јавното обвинителство и Владата (и со тоа останатите придружни институции под нивен надзор, како што се Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за финансии (МФ) итн). Оттука, во претстојниот период, Собранието треба засилено и зачестено да ја воспоставува сопствената надзорна улога и со тоа значително да придонесе во намалувањето на корупцијата.
Новата Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) беше избрана од Собранието на Република Северна Македонија на 8 февруари 2019 година, преку отворен процес, вклучувајќи ги и невладините организации, пратениците, демонстрирајќи ѝ на јавноста квалитативен чекор напред. Исто така, покажаа дека низ интервјуа, со суштинско испитување на квалитетот на кандидатите, може да се дојде до состав на ДКСК во кој јавноста верува и полага надеж на успешна борба против корупцијата. Истовремено, веројатно многу поважно, е дека во Собранието демонстрираше своевиден консензус, и со тоа пратениците застанаа на иста страна во борбата против корупцијата.
Но улогата на пратениците не е само да ги гласаат членовите на ДКСК, туку и да ги усвојуваат годишните извештаи на ова тело, како и на другите тела вклучени во борбата против корупцијата. Во текот на една година, медиумите, невладините организации, но и дел од институциите откриваат случаи на корупција за кои јавноста е сè повеќе заинтересирана. Ова обезбедува исклучителна можност пратениците да ги искористи деловничките можности и да се вклучат во дебатата.
На располагање на пратениците, од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците (КПСОЗ), но и од целиот состав, е да ги повикува институциите во текот на годината да образложат свои позиции за актуелни случаи и да известат што прават тие во врска со тоа. Ваквата пракса ќе создаде систем на поттикнување на проактивност на институциите, кои поради нивната одговорност пред пратениците, ќе мора постојано да реагираат во врска со актуелните процеси и закани поттикнати од корупцијата. На овој начин, идеално, системот за борба против корупција ќе се подобрува бидејќи институциите ќе бидат под постојан конструктивен притисок од пратениците.
За почеток, по завршувањето на летната пауза од заседавањето на Собранието, на почетокот на септември, КПСОЗ треба да ги повика ДКСК, МВР и Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција да ги образложат активностите и целите на овие институции. Во оваа сесија, КПСОЗ треба да прибере информации за тоа кои се најважните области на работа на овие институции во тековниот период, како и пречките со кои тие се соочуваат од аспект на внатрешни капацитети, отчетност и ефикасна работа на останатите институции поврзани со нивните случаи.
Пред одржувањето на овие сесии, КПСОЗ треба да ги повика граѓанските организации и новинари кои истражувале корупција за пратениците да се запознаат со позициите на експертите околу критичните области, одредени случаи и процеси. Целта на ваквиот пристап е да можат да оценат колку работата на клучните институции во борбата против корупција се совпаѓа со нивните очекувања како претставници на граѓаните, но и со гледиштата на експертската јавност која будно ги следи овие активности.
—
Проектот „Разговор за борбата против коруцпијата во Собранието“ (Anti-Corruption Talk in Parliament (ACT in Parliament)) вклучува истражувачки и застапувачки активности со примарна цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку засилување на надзорната улога на Собранието во однос на борба против корупцијата.
Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).