Напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ зависи пред се од исходот на реформите кои се имплементираа досега и оние кои треба да се имплементираат во следниот период, е еден од заклучоците од панел-дискусијата „Националните перспективи на крајот на романското и во очекување на финското претседателство со Советот на ЕУ“.

На настанот, кој беше организиран Институт за демократија „Социтас Цивилис“ (ИДСЦС) во партнерство со Амбасадата на Романија во Скопје и Амбасадата на Финска во Белград беа презентирани резултатите од романското и приоритетите на финското претседателство со Советот, како и европската интеграција на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан.

Панел-дискусијата ја отвори претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски, кој истакна дека Договорот од Преспа, кој е блескав пример од регионот немаше да биде можен ако лидерите на Северна Македонија и Грција не беа охрабрени да ги надминат предрасудите на јавното мислење од двете земји.

„Неколкумина ја платија цената, но сите ги собравме придобивките. Мило ми е што доминантната, ако не и консензуална, гледна точка на земјите членки на ЕУ е да ја поддржат Северна Македонија да започне преговори со ЕУ. Нема да има веродостојни проширувања за регионот без придржување кон взаемно прифатените одговорности, како што нема успешна стратегија за Западен Балкан без компонентата за проширување. Преговорите со Унијата не значат членство, туку интеграција и стабилност“.

Амбасадорот на Романија, Виорел Станила, истакна дека за време на романското претседателство, посебно внимание било посветено на делувањето на ЕУ во Западен Балкан.

„И покрај сложениот политички контекст, успеавме да ги одржиме потребните услови за да продолжиме со агендата за проширување. Од наша перспектива, освен процесот на проширување, регионот бара посебно внимание. Избегнувањето на чекорењето наназад е од суштинско значење и се надеваме дека следниот период ќе се потврди волјата на ЕУ и способноста на Унијата да ги задржи своите ветувања и да го одржи потребното ниво на ентузијазам во регионот“.

Никола Димитров, министерот за надворешни работи смета дека кога земјите од Западен Балкан ќе станат дел од ЕУ, мапата на Унијата нема да биде проширена туку целосна.

„Оваа година е 14та по ред како сме земја кандидат за членка на ЕУ. Тоа значи дека цела генерација беше изгубена поради политичкиот проблем со името. Но созреавме и сфативме дека не можеме да станеме сојузници преку несогласувања со соседите туку со решавање на прашањата. Дали сме подготвени да се приклучиме кон ЕУ сега? Апсолутно не. Сé уште правиме грешки, сé уште имаме долг пат да поминеме пред да станеме функционална европска демократија. Но дали сме подготвени да го почнеме патувањето? Апсолутно да. Оваа земја ги научи своите лекции, имаме поголема медиумска слобода, имаме поздрава политичка дебата, имаме подобро владеење на правото“.

Од заробена држава Република Северна Македонија се врати назад на демократски принципи, владеење на правото и постепено ја враќа довербата на граѓаните во државните институции, потенцираше заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија одговорен за ЕУ прашања, Бујар Османи.

„Случајот со Северна Македонија може да биде пример како имањето визија и силно лидерство подготвено за компромиси може да доведе до успех. Нашите очекувања се јасни, преку одлука на Советот на ЕУ за почеток на преговори ќе влеземе во втора фаза од процесот на европската интеграција. Владата е фокусирана на подготовки за таа фаза. Но неуспехот е една од опциите и тој неуспех ќе има последици за сите. Тоа ќе значи длабоко разочарување на сите нивоа во општеството и ќе биде пораз за европските политики во земјата. Ќе биде многу тешко да се задржи европската иницијата ако очекувањата на граѓаните не се исполнат“.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Самуел Жбогар, изрази надеж дека земјата ќе добие датум за почеток на преговори во октомври, но потенцираше дека треба да бидат испорачани реформи.

„Заедно со вашите граѓани, ние сме желни да видиме понатамошни реформи во судството, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Следните денови, недели и месеци ќе бидат за испорака на обврските. Посакувам успехот на финското претседателство во справувањето со сите точки од агендата на ЕУ. И секако се надевам на добри вести од Унијата и од земјата“.

Приоритетите на финското претседателство со Советот на ЕУ се зацврстување на заедничките вредности, владеењето на правото, конкурентноста на ЕУ, социјалната инклузивност, зацврстување на позицијата на ЕУ како глобален лидер, климатските промени и секако проширувањето на Унијата, вели амбасадорот на Финска, Кимо Лахдевирта.

„Сакам да нагласам дека Финска е земја која е пријателски настроена кон проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан бидејќи тоа е значаен дел од обезбедувањето мир и просперитет на нашиот континент. Со Договорот од Преспа со Грција, Северна Македонија се врати на патот на евроатлантската интеграција. Двете земји испратија важна порака до целиот регион, но и до целиот свет дека долгогодишните спорови може да се решат со компромис. Северна Македонија ги реши билатералните спорови со соседите и сега може да се концентрира на внатрешните реформи. Секогаш сме подготвени да ја поддржиме Северна Македонија во процесот на нејзина европска интеграција“.

Раководителот на Центарот за европски интеграции во ИДСЦС, Зоран Нечев, рече дека Романското претседателство значително помогнало во промовирањето на резултатите што Северна Македонија ги постигна во последниот период. Тој изрази задоволство што ваквите настани стануваат традиција и изрази надеж дека оваа традиција ќе продолжи и во иднина.