Во организација на EU policy Hub, на 20 јуни во Тирана се одржа регионалниот форум „Берлински процес: пред Самитот во Познан 2019″ поддржан од Вишеградски фонд на кој се презентираа документи за јавни политики во чиј фокус се владеење на правото и безбедносната соработка во регионот, подготвени од SEE Think NET, регионалната мрежа на граѓански организации и експерти од Западен Балкан за следење на Берлинскиот процес.
На настанот свое учество имаше Иван Николовски, истражувач во Центарот за Европска интеграција при Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје кој ја претстави мрежата и нејзините активности. Тој истакна дека идните планови на мрежата се продлабочување на соработката со останатите регионални иницијативи ширум Европа и додаде дека мрежата ќе го следи вишеградскиот модел на соработка на тинк-тенк организации.
Амбасадорот на Полска во Албанија, Карол Бачура ја претстави агендата на самитот во Познан и приоритетите на полското претседателство со Берлински процес во контекст на економија, поврзување и културна соработка. Од настани во рамки на самитот ги издвои форумот на цивилно општество, тинк-тенк форумот, бизнис форумот како и средба на властите од Западен Балкан и ЕУ во рамки на претседателството на Полска до самитот. Истакна дека фокусот на овој самит е токму учеството на граѓанските организации од Западен Балкан.
Заменичката-министерка за правда на Албанија, Фјоралба Чака, говореше за клучните реформи кои Албанија и земјите-аспиранти треба да ги постигнат во процесот на ЕУ интеграција со акцент на правосудство и борба против корупција. Истакна дека во процесот на донесување одлуки клучно е учеството на граѓанското општество како и регионалната соработка. Чака најави регионален настан за борба против корупција во кој треба да бидат вклучени институции и претставници на граѓанското општество.
Јована Маровиќ од мрежата Политикон ја презентираше публикацијата „Како да се поттикне владеењето на правото во Западен Балкан: 10 белешки за носителите на одлуки“ изработена во соработка со Доријан Јано. Таа застапуваше вклучување на владеењето на правото во агендата на Берлински Процес како ефикасен механизам за притисок врз властите на Западен Балкан да ги спроведат реформите во овој дел.
Доника Емини од Центарот за безбедносни студии од Косово ја презентираше публикацијата „Регионална безбедност во Западен Балкан: Улогата на Берлинскиот процес“ која е ко-авторство со Доника Марку. Емини истакна дека регионот не е само корисник и учесник во безбедносните ангажмани и иницијативи туку и испорачува безбедност преку учество во мисии на НАТО, но и други иницијативи.
Наодите од публикациите изработени во рамки на мрежата SEE Think NET можете да ги прочитате тука:
How to Foster the Rule of Law in the Western Balkans: 10 Notes to Decision-Makers
Regional Security in the Western Balkans: the role of the Berlin Process