Центарот за европски интеграции (ЦЕИ) при Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) изразува загриженост за заклучокот на Европскиот Совет за Република Северна Македонија. И покрај фактот што ги поздравува Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, како и прогресот во исполнувањето на реформите нотиран во Извештајот на Европската комисија за 2019, Европскиот Совет повторно не одреди датум за започнување на пристапни преговори со образложение дека на ова прашање ќе се наврати најдоцна до октомври оваа година.

ЦЕИ на ИДСЦС смета дека со одложување на почетокот на пристапните преговори, кредибилитетот на Европската Унија пред граѓаните и општествено-политичките чинители во Северна Македонија и регионот ќе биде ставен под прашање. Дополнително, прогресот направен во исполнувањето на реформите, како и добрососедските односи не е неповратен. Недавањето на датум за преговори може да придонесе кон нарушување на одржливоста на овие важни процеси не само во Северна Македонија, туку и во регионот. Оттука, потребно е Советот да донесе конечна одлука во октомври со одредување на конкретен датум за прва меѓувладина конференција. Ваквиот чекор на Советот позитивно ќе влијае на градење на внатрешната кохезија во државата нарушена по потпишувањето на договорите со Грција и Бугарија.

Во меѓувреме, ЦЕИ на ИДСЦС ја повикува Владата, останатите државни институции, како и опозицијата да продолжат да работат на исполнување на реформите во насока на надминување на проблемите поврзани со владеењето на правото и борбата против корупција и организиран криминал, забележани и во овогодинешниот Извештај на Европската комисија. Особен фокус е потребен во постигнување на национален, натпартиски консензус за законот за Јавно обвинителство. Дотолку повеќе, ЦЕИ на ИДСЦС бара Владата да ја обелодени преговарачката структура и да го води овој, пред се, општествен процес транспарентно и отчетно.