Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) како дел од регионалната мрежа на граѓански организации и експерти за следење на Берлинскиот процес-SEE Think Net вчера во Скопје и Приштина го промовираше краткиот документ за јавни политики „Решавање на билатералните прашања во Западен Балкан: Улогата на Европската Унија и Берлинскиот процес“.

Публикацијата која е ко-авторски труд на истражувачите, Зоран Нечев, раководител на Центарот за европски интеграции од ИДСЦС и Аднан Ќеримагиќ, аналитичар од Европската иницијатива за стабилност е изработена во рамки на проектот „Кон одржлива регионална соработка: Берлинскиот процес и пошироко“ финансиски поддржан од Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ). Публикацијата ги анализира билатералните спорови во Западен Балкан, со акцент на односите Белград-Приштина во контекст на Берлинскиот процес како и процесот на проширувањето на ЕУ.

На настанот во Скопје во воведното обраќање, Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, рече дека едно од прашањата кои што се анализирани во публикацијата е начинот на кој  европските политики влијаат на стабилизацијата на регионот како прв интерес на европските земји во Западен Балкан.

Ќеримагиќ истакна дека Европската Унија може да го врати влијанието во земјите од Западен Балкан со започнување на пристапни преговори со Северна Македонија и смета дека тоа треба да се случи во следните неколку месеци.

Нечев, додаде дека доколку ЕУ не го признае резултатот од Договорот од Преспа и сите напори направени, особено за билатералните прашања од страна на грчката и македонската влада, тоа ќе има негативен ефект врз самиот европски процес и врз кредибилитетот на ЕУ во регионот.

Според Љупчо Петковски, извршен директор на Евротинк, недобивањето на датум за преговори со ЕУ ќе испрати лоши сигнали затоа што Договорот од Преспа е изграден врз ветувањата за влез во ЕУ. Тој смета дека таквата ситуација ќе ги зголеми разочарувањата и скептицизмот меѓу луѓето.

Настанот во Приштина го отвори Ментор Врајоли, извршен директор на Центарот за безбедносни студии од Косово. На дебатата учествуваше Флоријан Ќехаја, член на извршниот одбор на КЦСС, Ќеримагиќ ја презентираше публикацијата, а Нечев ја престави мрежата и се осврна на Договорот од Преспа и динамиката на процесот на преговарање. Дебатата ја модерираше Доника Емини истражувач во КЦСС.

Оваа публикација ќе биде промовирана и во Подгорица на 24 јуни во организација на ИДСЦС и Мрежата Политикон.

Целта на SEE Think Net е да има значаен придонес и да обезбеди препораки за политики за теми кои произлегуваат од Берлинскиот процес. Активностите на мрежата се осмислени со цел внимателно да го следат Берлинскиот процес и политичките области кои ги опфаќа процесот. Мрежата е формирана во средината на март 2018 година со поддршка на Европскиот фонд за Балканот како прва регионална мрежа составена од граѓански организации кои имаат за цел да ги следат темите поврзани со Берлинскиот процес.

Целата публикација можете да ја прочитате на следниот линк:

Решавање на билатералните прашања во Западен Балкан: Улогата на Европската Унија и Берлинскиот процес