Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија 2019
Оценка на Институтот за Демократија Социетас Цивилис – Скопје за напредокот во клучните области на добрососедските односи и регионална соработка, Собрание, борбата против корупцијата и креирање на политики и носење закони

Добрососедски односи и регионална соработка

Позитивниот пристап на земјата е истакнат во последниот извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија. Се поддржува и охрабрува учеството во регионалните иницијативи кои придонесуваат за одржување на стабилноста на регионот и напорите вложени во однос на помирувањето. Во оваа насока, посебно се истакнуваат конструктивните напори на Владата кон одржување и унапредување на билатералните односи со oстанатите земји вклучени во процесот на проширување како и земјите-членки на ЕУ во своето соседство.

Собрание

Она што го издвојува Собранието на Република Северна Македонија во однос на законодавните домови на останатите земји од Западен Балкан е и активното вклучување на опозицијата во донесувањето на закони поврзани со процесот на европска интеграција. Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија 2019, бележи напредок на државата во сите релевантни области, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформа на разузнавачките служби и јавната администрација. Во однос на работата на Собранието, извештајот дава генерално позитивна оценка, потенцирајќи го напредокот на неговата улога како главна институција за политички дијалог, напредокот во неговата надзорна и законодавнa функција и зголемувањето на неговата транспарентност.

Во таа насока, Европската Комисија оценува дека има значително интензивирање на дебатите и усвојувањето на закони поврзани со ЕУ и со пофални зборови го објаснува консензусот по партиски и етнички основи кој беше воспоставен неколку пати, вклучително и за измени на законите кои бараат 2/3 мнозинство. Извештајот дава позитивен заклучок и во однос на значителното намалување на бројот на закони усвоени по скратена постапка, како и отсуството на закони усовени по итна постапка. Дополнително, Извештајот позитивно го оценува и конструктувното вклучување во „Жан Моне дијалог” со цел создавање атмосфера на национален дијалог и консензус меѓу политичките партии, донесувањето на Етичкиот кодекс, поради адресирање на препораките на Групата на држави против корупцијата (ГРЕКО). Европската комисија позитивно го оценува инклузивниот пристап кон измените на Деловникот.

Сепак, ЕК ги потенцира и предизвиците со кои се соочува Собранието, особено во однос на планирањето и координирањето на својата работа за постигнување на поефикасен законодавен надзор. Една од препораките се однесува на потребата од дополнително зајакнување на функционалниот надзор над работата на владата и разузнавачките служби, како и капацитетот за следење на заштитата на човековите права и основни слободи. Собранието треба да остане посветено и на работата на ефикасноста на демократскиот политички систем, вклучително и за имплементацијата на препораките на ГРЕКО за транспарентноста на финансирањето на партиите.

Забелешките кои Европската Комисија ги упати во својот последен извештај, се предизвици со кои Собранието се соочува подолго време. Истите беа предвидени во Предлогот на граѓански организации за итни демократски реформи во 2017 година[1]. И покрај тоа што е забележан напредок во однос на извесен број области од интерес за работата на Собранието, сепак кај значителен дел од нив сеуште е потребна интензивна работа и дополнително унапредување. Така предизвиците истакнати во Предлогот, како скромното практицирање на надзорната улога на Собранието во однос на контролира и надгледување на работата на извршната власт, сеуште останува проблем на кој интензивно мора да се работи. Отчетноста и транспорентноста на институциите исто така беа оценети негативно во предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи во 2017. Иако, прогресот на Собранието во зајакнувањето на дел од своите функции е евидентен и напредок е забележан во неколку круцијални сфери во работата на Собранието, сепак, како што е нотирано во извештајот, потребно е поинтензивна работа во однос на надзорната улога на Собранието, како и подобрување на транспарентноста, особено финансиската транспарентност и внатре-партиската демократија на политичките партии.

Борба против корупција

Извештајот на Европската комисија забележува развој во областа на борбата против корупцијата. Позитивните оценки се насочени кон активностите на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупција и нивниот фокус кон високи функционери од минатиот и сегашниот состав на власта. Дополнително, се забележува прогрес во смисла на конечното екипирање на истражните центри во Јавното обвинителство, кои се потребни за соодветно функционирање. Како позитивна оценка е забележано и завршувањето на процесот на реформата на заштитата на правото на пристап до информации од јавен карактер.

Меѓутоа, како проблем останува отпорноста на корупција на ниво на поединечни институции и процеси. Напредокот претпоставува дека институциите ќе спречат појава на корупција пред таа да се случи, а не само способност да се санираат штетите. Од една страна, потребно е да се проценува колку работата на институциите вклучени директно во антикорупција (ДКСК, ЈО, СЈО, МВР) ја подобруваат извесноста дека корумпираното дејствување ќе се казнува.

Но од друга страна, проценката на напредокот мора да биде базирана и на интегритетот на клучни процеси под висок ризик од корупција: законодавен процес ранлив на бизнис интереси; енергетика; јавно-приватно партнерство, управувањето со јавните пари и крупни јавни набавки; и вработување во јавниот сектор. Ова повлекува систематични реформи со интервенција насочена да ги избалансира ограничените ресурси на располагање од една страна и потребата од фокус на клучните проблеми од друга страна.

Во таа смисла, реформата на јавната администрација, и промоцијата на системот по заслуги е од клучно значење за обезбедување на човечки потенцијал отпорен на корупција. Само стручна администрација со интегритет може да пружи отпор на незаконско влијание, да пружи поддршка за квалитетно управување и ефикасно да ги администрира реформите на владеењето на правото во вистинска насока.

Креирање на политики и носење закони

Во однос на развој на политики и процесот на донесување на закони, оценката е дека постои делумна подготвеност. Забележан е напредок во квалитетот на проценките на влијание на регулатива со забелешка дека буџетските импликации често не се предвидени, што е честа забелешка и во повеќе анализи на граѓанското општество во земјата. Забележано подобрување на консултативниот процес преку Едиствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), но и намалување на бројот на прописи кои се донесени по скратена и итна постапка.

Сепак, важно е да се забележи дека важни процеси беа спроведени без позначајна консултација, како што е Законот за употреба на јазиците, но и случајот со промените на Законот за влада и Законот за организација и работа на органите на државната управа со што се воведе новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Постоечката пракса на носење на закони со европско знаменце со цел ограничување на собраниските расправи продолжува и истата треба да се ревидира и избегнува.

Целокупниот процес на реформа во јавната администрација, треба да придонесе кон инклузивен процес на креирање на политики кој ќе се базира на податоци, темелни консултации со засегнатите страни и проценка на влијанијата со што ќе се овозможат полиитики кои веродостојно ќе ги рефлектираат потребите на граѓаните.

Оценка за напредокот во клучните области на добрососедските односи и регионална соработка, Собрание, борбата против корупцијата и креирање на политики и носење закони