Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ преку проектот „Собранието под лупа“ го анализираше квалитетот на дебатите во Собранието на Северна Македонија во Комисијата за европски прашања, за време на процедурата на носењето на Законот за употреба на јазиците како и за време на седниците за пратенички прашања. Изработени се три анализи направени од набљудувачи вклучени во процесот на мониторирање на квалитетот на собраниската дебата.

Во изминатата година, во Комисијата за европски прашања не се дебатираше многу по предложените закони, освен за седници кои беа поврзани со договорот со Грција во однос на долгогодишниот спор со името на државата. Дебатирањето беше оставено за седниците на Собранието или во одредени случаи се потенцираше дека веќе е дискутирано по одреден предлог – закон во Собранието и не се наоѓаше потреба од дополнителна дискусија.

Па така, во 45% од случаите на оние кои се јавиле за збор имале слабо образложение, а во 29% говорниците употребиле по еден аргумент во своите излагања. Додека пак во 19% говорниците не употребиле никаков аргумент. Далеку понизок е процентот на оние кои искористиле два аргументи – 6%, но сепак најмал е процентот кај оние кои искористиле повеќе од два аргументи и изнесува 1%.

Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк:
Работата на Комисијата за европски прашања при хармонизација на законодавството во 2018-та година

За време на дебатата за Законот за употреба на јазиците атмосферата беше поларизирана. Говорниците имаа дијаметрално спротивставени ставови, како во однос на потребата и корисноста од новиот закон, така и во однос на неговата уставност, процедурата на неговото донесување и квалитетот на неговата содржина.

Во овој контекст, доминантна беше аргументацијата дали е запазена или прекршена процедурата при донесувањето на овој Закон. Особен акцент во своите говори ставија на изборот на Комисијата за Европски Прашања, како матична комисија за овој Закон. Говорниците исто така значително се задржаа на уставноста на Законот.

Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк:
Анализа на собраниската дебата за Законот за употреба на јазиците

Во 2018 година, опозицијата беше присутна на седум од десет одржани седници за поставување пратенички прашања. Бојкотирањето на Собранието, генерално, но особено бојкотирањето на седниците за пратенички прашања придонесува кон намалена надзорна функција на Собранието, која е една од трите столба за успешна законодавна власт, и зачувување на системот на спреги и контрола меѓу властите.

Ако се анализира според степенот на аргументираност на дебатата произлегува дека најчесто дискусијата е слабо аргументирана, односно образложението на позициите на пратениците е недоволно за да се смета како еден целосен аргумент (36%), додека пак во 31% од дискусијата беше користен само еден аргумент.

За време на набљудувањето се забележа некоректен однос кон личноста на владини претставници и кон личноста на пратениците од страна на владините претставници.

Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк:
Пратенички прашања – Мерка за надзор врз извршната власт или платформа за пофалби?