Мрежата за подобра легислатива “РИА”, реагира против начинот на кој се донесоа измените на Законот за Влада и Законот за организација на органите на државната управа со што се воведува ново Министерство за политички систем и односи помеѓу заедниците.

Сметаме дека измените на Законот за влада и Законот за организација и работа на органите на државната управа, во контекст на креирањето на новото Министерство за политички систем и односи помеѓу заедниците, се спроведени со недоволна консултација со засегнатите страни и без спроведување на детална проценка на влијание на регулативата (ПВР).

И покрај тоа што отпочнувањето на процесот на унапредување и трансформација на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор произлегува од квалитативната анализа на Охридскиот договор од 2015г, сметаме дека во рамките на тој процес потребно е и спроведување на проценка на влијание на регулатива со што ќе се утврдат различните опции, ќе се постават можни влијанија и ќе се понуди широка консултација.

Во таа насока, уште еднаш се потврдува залагањето процесот на проценка на влијание на регулатива да стане редовна пракса и за предлозите кои се подготвуваат и од Собранието. Проценката на влијание на регулативата овозможува рамка во која прецизно ќе се утврдат социјалните, економските и фискалните влијанија преку преглед на сите опции и активна консултација со чинители.

Имајќи ги предвид значајните финансиски, социјални и административни промени кои ќе настанат од формирањето на министерството, предлагачите имаат општествена обврска точно да ги утврдат причините и да ги предвидат последиците на решенијата кои ги нудат. Како мрежа која застапува кон одговорни политики базирани на докази сметаме дека за ваква значајна промена во системот на државната организација потребни се темелни и широки консултации со сите засегнати страни вклучувајќи го и граѓанското општество. Истовремено, какви било промени во организацијата на органите на државната управа потребно е да произлегуваат од Стратегијата за реформа на администрацијата, односно од наодите на хоризонталната функционална анализа која таму е предвидена. Оттука, пратениците требаше да ги почекаат наодите на функционалната анализа пред да ја донесат одлуката.

 

Мрежа РИА

Аналитика

Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје

Коалиција Сите за правично судење

Македонско здружение на млади правници

Организација на жени на општина Свети Николе

Реактор – истражување во акција

Центар за економски анализи – Скопје

Центар за ромска заедница – ДРОМ Куманово

Центар за управување со промени