Во извештајот „Претседателски избори 2019 – втора анкета“ се презентирани и анализирани ставовите на граѓаните во Македонија во однос на претстојните претседателски избори, добиени преку испитувањето на јавното мислење во периодот од 7 до 11 април 2019 година, а кое за Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институт за демократија “Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) го спроведе агенцијата М-проспект.

Анкета беше спроведена телефонски, на примерок од 967 испитаници постари од 18 години, национално репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност, регион и место на живеење. Анкетирањето е правено на македонски и на албански јазик. Сите резултати се подложни на статистичка грешка од 3,15% со прифатливо ниво на доверба од 95%.

На прашањето дали ќе излезете да гласате на претседателските избори кои ќе се одржат на 21 април (првиот круг на гласањето), мнозинство од испитаниците (68,1%) одговориле позитивно. Нешто помалку една четвртина (22,5%) рекле дека нема да излезат, додека 9,5% сѐ уште немаат одлучено или не одговориле.

Слично како и на претходната анкета Стево Пендаровски е во благо водство (27,2%) пред Гордана Силјановска (23,5%), па се потврдува ставот дека се работи за изедначена трка, но сега со поголема извесност (вон статистичката грешка) за предност на Пендаровски по првиот круг. За кандидатот Блерим Река, одговориле дека ќе гласаат 11% од испитаниците, процент кој е речиси идентичен со оној од претходната анкета кога 10,9% се изјасниле за овој кандидат.

Целосната анкета може да ја прочитате на следниот линк.

Анкета: Претседателски избори 2019 – втор дел