fbpx
logo

Проценка на влијание на регулативата (ПВР) – суштината за креирање добри закони

Пред Владата да предложи донесување одреден закон треба да направи стручна и сеопфатна анализа и истражување дали тој закон е неопходен, дали и кому ќе му биде корисен, да ги изнајде најсоодветните начини за негово имплементирање и да процени колку ќе чини неговото спроведување. Овој процес се нарекува ПВР – Проценка на влијание на регулативата и доколку се применува правилно ќе доведе до квалитетни и добро осмислени закони.

Многу важен дел од тој процес е консултацијата на засегнатите страни. Владата треба и мора да ги праша граѓаните какви се нивните ставови за предлогот и дали имаат конкретни забелешки. Освен што треба да ги праша, владата мора и внимателно да ги слушне и разгледа забелешките за да може да ги пресретне очекувањата на општеството.

Без вакви анализи се ризикува законот да остане само празно слово на хартија. Лошо смислени закони може да предизвикаат потешкотии при нивното имплементирање, а на граѓаните да им создадат нетрпеливост и отежнување наместо олеснување на нивниот секојдневен живот.

Поради тоа што предлагачите на законите најчесто не применуваат ПВР или тоа го прават нецелосно, граѓаните за одреден закон дознаваат откако ќе почне тој да се применува и кога лично ќе ги погоди неговата имплементација.

Истражувањата на јавното мислење направени од ИДСЦС и ЦЕА во 2017 и 2018 година, покажуваат дека процесот на проценка на влијание на регулативата е генерално непознат за јавноста. Високи 86% во 2018 година и 77% во 2017 година од анкетираните одговориле дека не слушнале за ваков процес.

За целиот процес да биде успешен многу е важно граѓаните да бидат поактивни односно да го искористат правото што го имаат да даваат коментари и конструктивни забелешки уште додека законите се само идеа, а Владата и предлагачите е потребно да го овозможат ова право.

 

*Проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази во Македонија“ или кратко, „ПВР во сенка“ го спроведуваат Институт за демократија „Социетас цивилис“ и Центар за економски анализи, а е поддржан од Европската Унија.

Поврзани објави