Пратениците во Собранието можат да направат многу повеќе во насока на надзор и контрола на извршната власт и во актуелизирање на одредени проблеми во државата отколку што тоа го правеле досега. Деловникот изобилува со процедурални можности за вакви активности на пратениците кои останаа генерално неискористени од страна на повеќе досегашни парламентарни состави.

Меѓутоа, во оваа пракса има и позитивни исклучоци и тоа не на поединечни пратеници, туку, на цела парламентарна комисија. Тоа е работата на актуелниот состав на Комисијата за култура.

Комисијата на сопствена иницијатива ја организираше единствената надзорна расправа одржана од почетокот на мандатот на актуелниот состав на парламентот избран на парламентарните избори во декември 2016 и е една од ретките која формираше работна група за истражување на состојбите на терен во областа на културата. Овие активности може да се посочат како пример за како парламентот и пратениците можат да ја употребат својата позиција и права кои им ги нуди Деловникот за работа за да ја засилат надзорната улога врз различни сегменти од извршната власт и да придонесат кон подобрување на условите во државата.

Целосниот извештај во кој се анализираат можностите кои им стојат на пратеници за поактивно застапување на интересите на јавноста и граѓаните како и позитивните примери од работата на Комисијата за култура е достапен на следниот линк:

Патоказ за успешно водење на Собраниска комисија и Извештај од квалитет на дебата на Надзорната расправа на комисијата за култура за управувањето со Охридскиот регион