Поддршката за зачленување во Европската Унија кај македонските граѓани е висока и останува на исто ниво како и во 2017 година, но забележливо е и намалено убедување во подготвеноста на Македонија за членство. Речиси половина од населението верува дека земјата може да стане дел од Унијата во следните 5 години. Главно очекување што истовремено е и фактор за поддршка на членството кај граѓаните останува да биде очекувањето за подобрување на животниот стандард од евентуалниот влез во ЕУ.
Сепак, граѓаните се скептични дека Владата ќе испорача резултати во неколку клучни области вклучувајќи ја и способноста за целосна департизација на јавната администрација, борба против организираниот криминал и корупцијата. Доминантен дел од испитаниците воопшто не слушнале дека постои владиниот реформски План 18.

Перцепцијата на граѓаните во однос на надворешните чинители е дека ЕУ, САД и Русија имаат најголемо влијание врз Македонија. Претпочитан сојузник за близу 38% од граѓаните е Унијата, додека САД и Русија се на второ место со 19,6 односно 19,3%.

Ова се дел од наодите од двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија Социетас Цивилис во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани во ЕУ Инфо-центарот во Скопје.

Двете истражувања на авторите Иван Дамјановски, Зоран Нечев, Иван Николовски и Марие Јеленка Кирхнер се достапни на следните линкови:

Анализа на јавното мислење за зачленувањето на Македонија во ЕУ (2014 – 2018)
Едрење низ бура – Македонија и ЕУ во 2018