Европската Унија ќе ја продолжи својата агенда на Балканот и за време на претседателството на Романија со Европскиот Совет во следните шест месеци. Приоритетите, како што поспочи амбасадорот на Романија во Македонија, Виорел Станила, остануваат да бида растот, безбедноста, засилувањето на позицијата на ЕУ како глобален актер и промоција на заедничките демократски вредности на Унијата.

Станила на панел дискусијата „Националните перспективи во рамките на романското претседателство со Европскиот Совет“ организирана од Институтот за демократија и амбасадата на Романија во Македонија, ги образложи четирите столбови во пристапот на Унијата кон земјите од регионот. Во рамки на дискусијата свои видувања за претстојните можности и предизвици изнесоа и министерот за надворешни работи Никола Димитров, политичката аналитичарка од романска тинк-тенк организација Глобал Фокус, Оана Попеску, претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски и раководителот на Центарот за евроинтеграции при ИДСЦС, Зоран Нечев.

Според романскиот амбасадор, првиот столб на пристапот на Унијата кон Балканот се однесува на економскиот раст, засилувањето на конкурентноста на економиите регионот, кохезијата и подобрувањето на инсфраструктурната поврзаност на државите. Вториот столб се однесува на безбедност во смисла на засилување на внатрешната безбедност , граничното управување , борбата против криминалот и тероризмот, кибер безбедноста и областа на слободата и правдата. Третиот столб се однесува на меѓународната позиција на Европа како глобален актер, каде фокусот ќе се задржи на заедничката безбедност и одбранбената политика, ефикасноста на надворешните активности на Унијата и конзистентност на европските политики во соседството.

Тој посочи дека четвртиот столб е Европа на заеднички вредности под кои се подразбираат солидарност , кохезија, еднакви можности, социјална правда , демократија, слобода , почит на човечкото достоинство како и борба против расизмот, антисемитизмот, ксенофобијата и нетолерантноста.

„Романското претседателство прагматично ќе се осврне на структурните причини за постојаните ризици во регионот. Ќе се насочиме главно на младинските прашања. Другата страна е политиката на проширувањето, која романското претседателство ќе работи да ја унапреди, која е инструмент кој придонесува за стабилност и безбедност на европскиот континент. Посебно внимание ќе им се посвети на земјите кандидати и на земјите потенцијални кандидати“ посочи амбасадорот.

Според министерот за надворешни работи, Никола Димитров, приоритетите во текот на романското претседателство соодветствуваат со агендата на државата. Тој смета дека амбицијата на Европа да биде силен глобален играч оди во корист на интересите на Македонија.

„Ако Европа не може да направи разлика или да има ефект во едно островче опкружено со ЕУ членки , каде што има европска перспектива тогаш многу тешко може да има амбиции да биде глобален играч. Европа на заеднички вредости е суштината на нашата мотивација зошто сакаме да бидеме дел од ЕУ е Македонија да си ја направиме европска. Не во смисла на форма, туку во суштина, оти ако ние денеска влеземе во ЕУ нема да бидеме задоволни бидејќи ќе бидеме истата држава со истите маки и мора системот да го направиме европски. За тоа е потребно гладно општество, мислам дека тоа го имаме. Зрела политика и чесна и искрена посветеност на реформите , а особено кога тие не ни одговараат лично во смисла на клиентелизмот и меритократијата, на транспарентоста и слободата на медиумите во смисла на независноста на судиите…“

Димитров смета дека денеска перспективата за интеграцијата во ЕУ е многу подобра отколку претходно, но и дека треба и уште многу да се помине особено во областите борба против корупција, владеење на право, реформи во јавна администрафција и реформи во безбедносниот сектор.

„Важно е да се каже дека не зборуваме за членство утре, туку за почеток на едно долго и важно патување каде одењето е поважно од целта и единствено што бараме е да бидеме еднакво третирани и да се натпреваруваме во позитивна смисла со Црна Гора и Србија во однос на овие 4 клучни области“ рече министерот.

Марко Трошановски од ИДСЦС посочи дека начинот на кој што се дојде до Преспанскиот договор во двете општества (македонското и грчкото) креираше многу национализам и како што вели,ослободи многу сеништа на предрасудите кои допрва ќе роварат по социјалната кохезија и ќе ги оптоваруваат политичките дебати и особено дискурсот на опозицијата.
„Во општества каде што граѓаните се оптоварени со економска нееднаквост и корупција сериозни национализми и демагогии ранливоста на надворешни медиумски и други видови на хибридни закани кои имаат за цел да ги продлабочат овие антагонизми во општествата и да ги дестабилизираат е многу висока.“ вели Трошановски.

Оана Попеску од организацијата „Глобал фокус“ исто така смета дека договорот и решавањето на спорот со Грција е одлично постигнување, но и дека тоа е само почеток на процес во кој тешкото допрва доаѓа. Повлекувајќи паралела со Романија таа смета дека во овој Балканскиот регион за политичарите е полесно да владеат во време на кризи отколку во мир кога треба да испорачаат резултати во однос на напредокот на земјите и демократијата. Според неа отежнувачка околност во процесот ќе биде и тоа што смета дека ЕУ има загубено дел од својот кредибилитет во изминатиот период поради толерирањето на режими во дел од земјите за сметка на одржување на стабилноста.

„Тоа придонесе до впечаток дека се претпочита процеси кои се предводени од елитите , а притоа се оставаат настрана големи делови од општествата кои во суштина се вистинските предводници на реформи и промени во овие општества. Кога тоа се случува се остава голем простор да се вмешаат други без разлика дали се популистички или националистички сили, внатрешни или надворешни фактори… Надворешните актери и внатрешните популистички и националистички сили не создаваат проблеми во скоро ниту една од земјите во кои имаат позначајно влијание, туку само ги искористуваат проблемите кои постојат од претходно. Тие не создаваат услови туку се обидуваат да ги искористат постпоечките услови и состојби“ вели Попеску чија организација се бави токму со овие проблеми во Унијата.

Таа порачува дека е клучно за сите овие предизвици со кои ќе се соочува општеството Владата да комуницира со граѓанското општество и тоа да биде двонасочен процес, односно, како да се задржат граѓаните поврзани со работата на носителите на одлуки.

Зоран Нечев од ИДСЦС вели дека Преспанскиот договор треба да биде втемелен во процесот на европска интеграција со што ќе стане отпорен на разни надворешни влијанија.

„Институтот веќе излезе со идеја да се вметнат одредбите од Договорот во поглавјето 35 – останати работи, со што, барем на одреден начин, ќе се осигура конзистентност во имплементацијата, во одредена мера ќе ја намали можноста за различна интерпретација и ќе спречи потенцијални влијанија за промена на одредени членови како од владите на двете држави, така и од некои други актери. Обезбедувањето на мнозинство за ратификација на Договорот имаше своја цена. Таа цена порано или подоцна Македонија ќе ја плати. Оттука, за да се минимизира ефектите од тој удар, нужно потребно е да се интензивира работата на Владата во спроведување на реформите. Неказнивоста е една од причините поради кој претходната Влада беше казнета. Се надевам дека оваа епизода повторно нема да ја гледаме, и ќе бидеме сведоци на ситуации кога високи функционери ќе сносат одговорност за слабото извршување на своите задачи или пропустите во извршување на истите.“

Нечев вели дека е очигледна желбата на Германија да продолжи да го поддржува овој процес. Истото се случува и со Романија Бугарија и Грција што според него е доказ дека патот кон ЕУ води низ регионална соработка со земјите од регионот аспиранти за влез во ЕУ, како и преку земјите членки на ЕУ од регионот на Југоисточна Европа.

Целосната аудио снимка од дискусиите на сите учесници на панел дискусијата „Националните перспективи во рамките на романското претседателство со Европскиот Совет“ е достапна на следниот линк:

 

Панел дискусија „Националните перспективи во рамките на романското претседателство со Европскиот Совет“