Берлинскиот процес успеа да ги седне на маса лидерите и министрите од земјите на Западен Балкан да разговараат и да ги решаваат споровите и горливите прашања. Овозможи да се разговара за безбедноста, младите, поврзаноста, разделените економии… Во дел од прашањата е направен пробив, но во дел препреките остануваат. Кај билатералните спорови светлата точка е Македонија. Потпиша договор со Бугарија, а на пат е и решавање на спорот за името со Грција. Косово и Србија тргнаа по истиот патот, но попатно и заглавија.

Граѓанските организации во регионот се вмрежуваат и за прв пат на последниот самит од Берлинскиот процес кој се одржа летоска во Лондон седеа на иста маса со лидерите и министрите. Направени се исчекори во поврзувањето, се дискутира за заеднички регионален пазар, но и за бариерите издигнати во декадите без разговор. Младите од целиот регион си одат од своите земји, па така и државите увидоа дека треба заеднички да се обидат да ги задржат и да понудат иднина. Затоа во процесот е формирана и првата регионална младинска органзација со седиште во Тирана – РИКО.

Ова се дел од поентите изнесени на презентацијата на краткиот документ за јавни политики „Самитот на Западен Балкан 2018: Три заклучоци од Лондон“ во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ како координатор на SEE Think Net Network – првата регионална мрежа која ги следи темите поврзани со Берлинскиот процес која се одржа во ЕУ Инфоцентарот во Скопје. Автори на документот се Зоран Нечев и Иван Николовски од ИДСЦС, Јелица Миниќ од Европското движење на Србија, Мариола Ќесараку од EU Policy Hub од Албанија и Аднан Ќеримагиќ како независен истражувач.

По воведното обраќање на Зоран Нечев, раководител на Центарот за европски интеграции при ИДСЦС и координатор на на SEE Think Net Network, на денешниот настан се дискутираа и заклучија неколку важни точки и наоди од анализата.

Берлинскиот процес не е замена за членство во ЕУ, но е неопходен тренинг и еволуција во односите на државите од регионот со поддршка на членките на Унијата. Западнобалканските држави пред да стигнат да споделуваат и одлучуваат во Унијата како целосни членки треба прво да научат да соработуваат и одлучуваат меѓу себе. За тоа пак ќе имаат поддршка и од досегашниот претседавач со Берлинскиот процес, Обединетото Кралство, и од новиот претседавач Полска.

Обединетото Кралство излегува од ЕУ, но останува и го удвојува ангажманот во реформите на Западен Балкан, а Полска како следен претседавач со Берлинскиот процес ја продолжува агендата од Берлинскиот процес за решавање на споровите и зголемување на поврзаноста, економската соработка, безбедноста и младинската соработка меѓу Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија , Косово и Босна и Херцеговина.

Во таа насока, Британската амбасадорка во Македонија, Рејчел Галовеј, истакна дека нивната влада останува на посветеноста кон регионот искажана на самитот која се потврдува со зголемување на финансирањето за регионот од 41 милион фунти во 2018 на близу 80 милиони во 2020 и во удвојување на персоналот. Помошта ќе се однесува на засилување на владеењето на правото и правосудните институции како и надградба на капацитетот на институциите кои ја спроведуваат правдата. Ќе се поддржуваат и парламентите, независните медиуми и граѓанските организации како и поцврста борба против корупцијата преку посилни, попрофесионални и независни иснтитуции.

Претставничката на Полската амбасада Вероника Станиец Порчук посочи дека Полска каде во 2019 во градот Познањ ќе се оджи следниот самит, ќе ја продолжи агендата воспоставена во процесот и ќе се обиде да придонесе со зголемување на соработката на земјите од Западен Балкан. Таа посочи дека фокусот ќе биде ставен и на запознавање со културните вредности меѓу Балканот и Полска и земјите од Вишеградската група. Целта на Полска е и директно споделување на искуствата од пред зачленувањето и досегашните придобивки од членството во Унијата што може да им помогне на аспирантите на нивнио интеграциски пат. Таа посочи дека и покрај тоа што во 2019 фокусот на ЕУ ќе се намали поради изборите за Европскиот парламент и составувањето на новата Комисија, Полска преку процесот ќе го задржи европскиот интерес за Западен Балкан.

Професорот Ванчо Узунов како национален координатор за регионална економска зона во македонската Влада потенцираше дека патот за Западниот Балкан кон ЕУ води исклучиво преку Балканот посочувајќи кон потребата за воспоставување на соработка и единствен пазар во регионот. Во таа насока тој смета земјите и нивните економии се упатени една кон друга, но дека не е лесно да се оттргнат бариерите кои се издигнати помеѓу нив во минатите декади како резултат на политички и национални прашања. Таквите бариери го отежнуваат регионалниот притап кон странските инвеститори, мобилноста на капиталот и работниците, признавањето на нивните квалификации…

По презентацијата на краткиот документ за јавни политки и анализата на политичкиот контекст пред и по одржувањето на Самитот во Лондон, Иван Николовски од ИДСЦС, заклучи дека и покрај контроверзите кои го следеа и следат Берлинскиот процес тој може да се опише како успешна приказна бидејќи постојат видливи резултати во многу области на регионалната соработка од поврзаноста, до билатералните прашања, регионалната економска интеграција, дигитализацијата, младите, безбедноста и др. Поради тоа потребно е изнаоѓање на начини за истиот да се искористи како платформа за натамошно развивање на регионалната соработка како засебен, но комплементарен и паралелен процес со процесот на приклучување на регионот во ЕУ.

Игор Бандовиќ од Европскиот фонд за Балканот заклучи дека Берлинскиот процес придонесе кон зголемување на интензитетот во регионот, дека многу работи се помрднати напред, но и дека многу работи остануваат да се разрешат. Тој смета дека следната година кога ЕУ ќе биде зафатена со изборите е добар период не за да се напушти напредокот туку државите од Западен Балкан да покажат зрелост и самите да го продолжат процесот и да ги решаваат проблемите. Зрелост која ќе има големо значење на патот кон зачленувањето во Унијата.

Анализата е достапна на следниот линк на англиски јазик:

Самитот на Западен Балкан 2018: Три заклучоци од Лондон