Како ќе се одвива процесот на приклучување на Македонија во ЕУ и каква ќе биде преговарачката структура се прашањата кои ги обработуваат претставниците на граѓански организации и на државните институции на тродневна работилница насловена како Школа за европски политики 2018.
На работилницата во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, со финансиска поддршка на ИДСЦС и Фондација Отворено Општество Македонија, претставниците на граѓанското општество имаа можност да го разгледаат и дискустираат развојот на процесот на приклучување на РМ во ЕУ како и нацртот на преговарачката структура.

Развојот на процесот на приклучување на РМ во ЕУ беше претставен од м-р Драган Тилев, Државен советник за европски политики и координација во Секретаријатот за европски прашања и Елена Илиеска, началник на Одделение за секторски политики на ЕУ. Исто така, граѓанските организации се информираа за моделите на вклучување на граѓанското општество во Србија и Црна Гора, кои беа претставени од страна на Срѓан Мајсторовиќ од Центар за европски политики од Белград и Јована Маровиќ, од Политикон мрежа од Подгорица.

На крајот на вториот ден, граѓанските организации работеа на изработка на предлози за преговарачкиот модел на Република Македонија, врз основа на кои ќе се изработи документ со препораки кои ќе биде застапуван пред засегнатите страни во процесот на приклучување.