Центарот за економски анализи ги анализираше неданочните трошоци на кои се изложени компании од градежната и прехранбената индустрија во рамки на проектот „Проценка на влијание на регулативата во сенка“.

Неданочните и парафискалните трошоци претставуваат дополнителни трошоци за бизнисите кои честопати се скриени, не се транспарентни и не можат лесно да се планираат што може да предизвика несигурност во деловното планирање, а со тоа да бидат и директна причина за намалена конкурентност како и за нивна трансмисија кон цената на финалните производи и/или услуги, а со тоа и повисоки пазарни цени за тие добра/услуги.

За дел од овие задолжителни неданочни и парафискални плаќања деловните субјектите не добиваат никакви дополнителни права, услуги или стоки за возврат од јавниот сектор, или пак имаат бенефит кој е непропорционален со финансискиот товар од давачката.

Анализата покажува дека евентуално намалување или укинување на истите би резултирало во намалени трошоци за бизнисите и би ја подобрило бизнис климата, преку зголемување на добивките или инвестициите, а со тоа потенцијално и на даночните приходи во буџетот на долг рок.

Дополнително, поголем дел од компаниите не се запознаени со постоењето на алатки како проценка на влијание на регулативата преку кои може се вклучат во постапката за изменување и дополнување на регулативата.

Студијата препорачува рационализација на неданочниот и парафискалниот товар на приватниот сектор. Документот со целосните наоди и препораки е достапен на следниот линк:

Проценка на неданочни и парафискални трошоци и усогласување со регулативата