idscs logo mk web

На 26 јуни, министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ се состанаа да разговараат, меѓудругото и за препораката на Европската комисија за отпочнување на пристапни преговори со Албанија и Македонија.

Во однос на Македонија, тие успеаа да постигнат компромис што и овозможува на Македонија да отпочне со преговори во јуни 2019, под услов започнатите реформи во: 1) правосудството во насока на проактивни истраги, кривични гонења и правосилни пресуди поврзани со случаи на корупција и организиран криминал на високо ниво; 2) безбедносно-разузнавачките служби; и 3) јавната администрација да продолжат да испорачуваат конкретни и одржливи резултати. Покрај овие реформи, почетокот на преговорите е условен со спроведувањето на Договорот за името.

Во практична смисла, важно е тоа што Европската комисија доби мандат да отпочне со подготвителните активности за пристапните преговори (испитување на усогласеноста на македонското право со правото на ЕУ – скрининг процес).

Постигнат компромис беше навистина тежок, на страна фактот што за првпат по 2009 година Советот имаше погодна ситуација да донесе консензуална позитивна одлука за Македонија. Ова пред сѐ се должи на потпишувањето на Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија и Договорот за името со Грција, со кој може да се стави крај на скоро тридеценискиот билатерален спор. Заклучоците отворија перспектива за вистински реформи во Македонија и за силите кои се залагаат за проширување на ЕУ насекаде низ регионот. Истовремено, за жал, истиот заклучок важи и за силите во Македонија кои се противат на Договорот за името. Оттука, можеби очекувањата на македонските власти и граѓани не се соодветно остварени и пресликани во заклучоците, имајќи ги предвид вложените напори во решението на проблемот со името и препреките за истото да се спроведе во пракса. Ова е особено во насока на осигурување позитивен исход на претстојниот референдум.

И покрај тоа што францускиот и холандскиот скептицизам за напредокот на реформите во Македонија е разбирлив; потврдено и со наодите на набљудувањето на ИДСЦС на спроведувањето на мерките од реформскиот План 3-6-9, потребно е поголемо политичко визионерство во однос на соодветно вреднување на постигнатиот напредок на Македонија во областа на добрососедските односи.

Одредени земји-членки, меѓу кои Холандија и Франција, отворено ги изразија своите сомнежи околу веродостојноста на оценката на Европската комисија за напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите во правосудството и борбата против корупција. Иако на 21.06.2018, холандскиот парламент усвои заклучок дека условите за отпочнување на преговори со Македонија се постигнати, холандската влада имаше свои сомнежи. Други пак земји-членки беа загрижени за реакциите на домашната јавност. Тие сметаа дека во време кога ЕУ е обременета со многу тешки предизвици од справувањето со бегалската криза до Брегзит, секоја одлука за проширување на ЕУ може да се доживее како сигнал за неизбежно проширување со држави со незадоволително владеење на правото и слаби институции. Исто така, овие држави се сериозни околу ставот дека ЕУ првенствено треба да се консолидира и реформира одвнатре. Тие исто така се плашат дека евентуалната одлука за проширување може да ги засили популистите и националистите што би ги чинело гласови на претстојните избори за Европскиот парламент закажани за мај 2019.

Како и да е, време за губење нема, со оглед на фактот што јуни 2019 и не е така далеку. Сите општествено-политички чинители од Македонија и земјите-членки на ЕУ треба да вложат дополнителни напори за да осигураат дека Македонија ќе постигне што е можно повеќе во рамки на европската перспективата која е отворена со овие заклучоци.

Македонската влада покажа искрена волја за преземање тешки одлуки и спроведување на реформи во клучните области. Периодот од една година треба да биде искористен за продлабочување и одржливост на реформските процеси. Истовремено, во овие 365 дена потребни се дополнителни напори кои ќе придонесат кон максимална подготвеност на Македонија за преговори.