prezentacija-idscs-kas

Пoддршката на граѓаните за зачленување во Европската Унија останува силна во Македонија и покрај постојаниот тренд на благо опаѓање низ годините. Скоро три четвртини од анкетираните (73%) граѓани во ноември 2017 изјавија дека го поддржуваат членството на земјава во Унијата што е за 4 процентни поени помалку споредено со 2016.

Споредено со минатата година има промена во перцепцијата на граѓаните околу тоа која земја има најмногу влијание во Македонија и кои се нејзините најдобри надворешни сојузници. Граѓаните сметаат дека најголемо влијание имаат САД, ЕУ и Русија. Во поголема мера е зголемена перцепцијата за ЕУ како најдобар сојузник,  а е намалена за Русија.

Ова се дел од наодите од анкетното истражување кое го спроведе Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер во ноември 2017. Податоците од анкетата се обработени во две анализи кои беа презентирани во вторник (27.03.2018) во ЕУ Инфо-центарот во Скопје:

  1. „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската унија“ на авторот Иван Дамјановски;
  2. „Европската Унија на раб на повраток во Македонија “ на авторите Ненад Марковиќ, Зоран Нечев и Иван Николовски.

Околу високата поддршка за зачленувањето во ЕУ, Дамјановски коментира дека таа се должи на три фактори од кои најсилен е очекувањето за подобрување на економската состојба по евентуалниот влез во Унијата. Други два фактори кои имаат влијание врз расположението на граѓаните за процесот се спорот за името со Грција како и односите на партиите со ЕУ што во одреден дел се пресликува и на нивните симпатизери. Притоа, политичката криза и декларираната волја за евроинтерграциите како и реформскиот процес имаат мало влијание на перцепцијата околу приближувањето кон ЕУ. Од друга страна се забележува и раст на процентот на граѓани кои се противат на зачленување во Унијата без разлика на спорот со Грција.

Нечев смета дека растот на перцепцијата на граѓаните дека ЕУ е најдобриот странски сојузник на Македонија се должи на ангажманот на ЕУ во реформскиот процес како и зголемената видливост на активностите на Унијата во земјата. Притоа покрај растот на кредибилитетот на ЕУ се забележува пад во перцепцијата дека Русија е најдобриот странски сојузник на Македонија.

Споредено со 2016, кога 26% од граѓаните сметаа дека ЕУ е најдобриот странски сојузник во 2017 таквата перцепција се 42% од анкетираните. Русија во 2016 година беше перцепирана како најдобар странски сојузник од страна на 25%, а сега таквиот впечаток го делат 14% од испитаниците.

Директорот на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија Јоханес Раи коментираше дека ваквите наоди укажуваат на европска свест кај граѓаните која не ја споделуваат и политичките партии.

„Позитивно сум изненаден од константната висока поддршка на граѓаните за евроинтеграциите кои се чини дека покажуваат вистински европски вредности. Од друга страна тоа не може да се каже и за политичките актери кои во своето однесување се чини дека не се придржуваат до европските принципи особено ако се имаат предвид настаните во Собранието. Затоа мислам дека е особено важно политичките партии низ процес на заедничка дискусија и дебата да формулираат концензус за националните интереси. “ вели Раи.

Деталните наоди од двете анализи во кои се застапени и перцепциите на граѓаните според нивните партиски и политички симпатии се достапни на следните линкови:

Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската унија 2014 – 2017

Европската Унија на раб на повраток во Република Македонија

Инфографик