Процесот на проценка на влијание на регулативата (ПВР) во Македонија се спроведува од 2009 година. Постапката треба да овозможи донесување одлуки, закони и политики засновани на истражувања, анализи, докази и факти од министерствата и Владата со вклученост на сите засегнати страни меѓу кои и пошироката јавност. Процесот од почеток на спроведувањето имаше иницијален напредок, но во последните години се соочува со низа предизвици.  Во целиот овој период запознаеностa на јавноста со овој инструмент како и со нејзините ефекти е на ниско ниво што резултира со мала искористеност на алатките од ПВР кои овозможуваат вклучување на граѓаните и заинтересираните страни во создавањето на законите и политиките.

1

Институтот за демократија “Социетас Цивилис” – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за економски анализи (ЦЕА) спроведоа истражување на јавното мислење за перцепцијата на јавноста во врска со ПВР преку теренска анкета на репрезентативен национален примерок од 1000 испитаници во периодот од 20ти септември до 20ти октомври 2017 година. Истражувањето ги содржи следните основни наоди:

– Процесот на проценка на влијание на регулативата останува непознат за голем дел од јавноста. Од анкетираните граѓани 77% воопшто не слушнале за оваа алатка.

– Државната администрација е една од клучните алки за спроведување на ПВР, но сепак 72% од граѓаните кои одговориле дека се вработени во државниот сектор воопшто не слушнале за ПВР.

– Граѓаните сметаат дека консултациите со засегнатите групи при носењето или менувањето на законите во државата не е честа пракса. Кога такви консултации се спроведуваат перцепцијата е дека најчесто се прашуваат бизнис секторот, а најретко граѓанските организации.

– Поголем дел од граѓаните сметаат дека при изработката на законите и прописите не се користат истражувања.

pvr1

– Секој втор од анкетираните граѓани (53%) смета дека Владата и Собранието не прават проценка на трошоците од воведување на некое ново законско решение

– Секој втор граѓанин смета дека при проценка на влијание на регулативата треба да се испитаат и економските и социјалните влијанија кои може да ги има промена на постоечка или воведување на нова легислатива.

– Повеќе од половината од анкетираните не се согласуваат со праксата на усвојување на законите и прописите во скратена постапка.

– Секој втор испитаник смета дека граѓаните и граѓанските организации треба секогаш да имаат можност да коментираат на одредено законско решение.

 Целосниот извештај од анкетата е достапен на следниот линк:

Јавноста како сведок и учесник во создавањето на законите

Теренската анкета е изработена во рамки на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази“ чиј буџет изнесува 332.099 ЕУР и е финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија со удел од 298.889 ЕУР. Проектот „ПВР во сенка“ се спроведува во периодот од јануари 2017 до декември 2019г. Со цел да се утврди како се спроведува процесот на ПВР при создавањето на законите и каква е можноста за граѓанските организации да се вклучат во создавањето на јавните политики.