res2

Жителите на Западен Балкан имаат развиено голема отпорност, но не од видот кој е потребен. Тоа не е отпорност која значи приспособување за новите предизвици и нивно надминување, туку пред сѐотпорност како преголема толеранција и приспособување на лошо владеење со цел да се преживее. Регионот конечно треба да ги преведе политичките декларации во конкретни дејства за да се промени ситуацијата. Ова се дел од поентите кои ги изнесоа говорниците на панел дискусијата „Отпорноста во Западниот Балкан“ која се одржа во понеделникот во Сити Хол во Скопје. На настанот се промовираше и извештај кој опфаќа повеќе аспекти од предизвиците како и предлози за решенија на проблемите со кои се соочуваат државите и општествата од регионот.

Во дискусијата со свои излагања учествуваа претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски, вицепремиерот за европски прашања Бујар Селмани, германскиот амбасадор во Скопје, Томас Герберих, извршната директорка на Европскиот фонд за Балканот, Хедвиг Морваи , универзитетскиот професор и аналитичар на Балканот Флориан Бибер, истражувачот од групата за застапување „Балканот во Европа“ Марика Џолаи, програмскиот менаџер на Европскиот фонд за Балканот Игор Бандовиќ, аналитичарот од Институтот Отворено општество од Брисел Срѓан Цвијиќ, истражувачот на Европскиот центар за политики во Брисел , Корина Стратулат и истражувачот од ИДСЦС Зоран Нечев.

Поимот resilience (отпорност, истрајност, еластичност кон негативни промени) во психологијата означува процес на приспособување во услови на непријателство, трауми, трагедии, закани или стрес. Означува „враќање“, надминување на тешки искуства и продолжување на животот. Поимот засилено се употребува не само за психолошката состојба на индивидуата туку и за цели заедници, држави и општества. Европската Унија го промовира како стратешки приод кон засилување на отпорноста на државите во услови на растечки број на закани. Приодот на ЕУ кон зголемување на отпорноста и еластичноста на државите значи засилување на:

– приспособливоста на државите, општествата, заедниците и поединците кон политичките, економските, еколошките и демографските притисоци со цел да се задржи темпото на напредок кон остварување на националните развојни цели;

– способноста на државите во услови на значителен притисок да ги изградат, одржат или да ги повратат своите основни функции и основната социјална и политичка кохезија на начин кој ќе осигура почитување на демократијата, владеењето на правото, човековите права и ќе поттикнува долгорочна вклученост, безбедност и прогрес;

– капацитетот на општествата, заедниците и поединците да се справат со можностите и ризиците на мирен начин и да изградат, одржат или да го повратат својот начин на живот во услови на голем притисок.

Панел дискусијата е организирана во соработка помеѓу Институтот за безбедносни студии на Европската Унија, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Европскиот фонд за Балканот и Советодавната група „Балканот во Европа“, има за цел да поттикне опширна дебата за ефективноста на политиките на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, како и идните потреби на регионот во процесот на приклучување кон ЕУ, поконкретно осврнувајќи се на глобалната стратегија на ЕУ кон засилување на отпорноста на државите во услови на растечки број на закани.

Целосниот извештај „Отпорност во Западниот Балкан“ објавен од страна на Институтот за безбедносни студии на Европската Унија е достапен на следниот линк на англиски јазик:

Resilience in the Western Balkans