EFB-Korica-1

Берлинскиот процес за четири години создаде позитивен момент во односите на Западниот Балкан со Европската Унија и донесе извесни резултати. Сепак, за процесот да го постигне целосниот потенцијал тој треба да продолжи и да се зголеми неговата видливост во јавноста на земјите.

Во продолжението на процесот кој започна на германска иницијатива по најавата во 2014 година за паузирање на процесот на проширување на ЕУ, треба да се вклучат многу повеќе актери отколку само владите на државите од Западниот Балкан. Процесот треба да ги опфати и парламентите, граѓанските организации, младите и вработените во администрациите со цел да биде ефикасен.

Ова се дел од заклучоците во документот за јавни политики „Кон видлив, ефикасен и ефективен Берлински процес 2.0“ на авторите Зоран Нечев – Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Аднан Ќеремагиќ – Европска иницијатива за стабилност и Јован Ничиќ  промовирани на конференцијата „Иднината на Берлинскиот процес“ која се одржа на 01 декември 2017г, во Скопје.

7.3

Учесниците на конференцијата наведоа дека е потребно и владите на земјите од Западен Балкан треба да имаат почести средби во текот на годината и да не чекаат само на годишните самити од Берлинскиот процес кои се одржуваат во главните градови на ЕУ. Од голема важност според дискутантите е и целиот процес да добие поголем публицитет во јавностите на земјите од Балканот.

Со оглед дека Берлинскиот процес е единствен политички процес на високо ниво кој единствено се фокусира на државите од Западен Балкан тој несомнено претставува и повеќе од потребна поддршка во насока на подготвувањето на овие држави за идното членство во ЕУ. Процесот треба да продолжи со одредени промени во модалитетите кои треба да обезбедат поголема вклученост, јавност и ефикасност на активностите како и да го одржат интересот на националните влади за спроведувањето на прифатени обврски.

На конференцијата се обратија потпретседателот на Владата за европски прашања – г. Бујар Османи и проектниот менаџер во Европскиот Фонд за Балканот – г. Игор Бандовиќ. Пред претставувањето на публикација од страна на авторите Нечев и Ќеремагиќ, обраќања имаа Н.Е. г. Карло Ромео, Амбасадор на Италија и Н.Е. Чарлс Герет, Амбасадор на Обединетото Кралство во Република Македонија.

Целта на оваа конференција е да ги вклучи претставниците на тинк-тенк заедницата, истражувачите, меѓународната заедница како и претставниците на Владата во дискусија за наодите на публикацијата.

Документот и конференцијата се активности во рамки на проектот „Западниот Балкан и Берлинскиот процес: Што е постигнато досега и кои се следните чекори“ кој е поддржан од Европскиот фонд за Балканот.

Целосната публикација презентирана на конференцијата е достапна на следниот линк на англиски јазик:

Кон видлив, ефикасен и ефективен Берлински процес 2.0