7

Надградена верзија на „Предлог на граѓанските организации за итни демократски реформи“ за следните 6, 9 и 12 месеци, денеска беше презентирана на прес-конференција во име на 73 граѓански организации и експерти. Предлозите за реформи се изработени од страна на 146 учесници на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули годинава, а се надоврзуваат на основниот документ изработен во 2016 година.

Овој план цели да даде поттик, насоки и детални активности неопходни за враќање на демократските стандарди и вредности, како и за постигнување напредок во јавните политики, и враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции. Промената на власта сама по себе беше чекор напред поради тоа што со одржувањето на кредибилни избори се стави крај на длабоката повеќегодишна политичка криза, но не е гаранција за системски реформи кои се неопходни за да се надмине состојбата на заробена држава.

Областите на јавни политики разработени во документот се: јавни финансии и економија; правосудство; борба против корупцијата; избори и изборен систем; јавна администрација; контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање; Собрание; граѓанско општество; социјална заштита, благосостојба и одржливост; образование и младински политики; животна средина; енергетика; култура и здравство.

6
Во оваа насока меѓу другото се предлага:

  • Формирање Консултативен совет за имплементација на клучните реформски приоритети на владино ниво, со кој ќе претседава претседателот на Владата и кој ќе се состои од претставници на надлежните министерства и граѓанското општество;
  • Назначување на лица за контакт во министерствата и независните, надзорни и регулаторните тела кои ќе бидат одговорни за клучните реформски приоритети и кои исто така ќе бидат задолжени за соработка со тематските групи на граѓанското општество;
  • Надлежните собраниски тела треба да одржуваат месечни јавни расправи за имплементацијата на клучните реформски приоритети кои спаѓаат во нивната надлежност. На овие расправи треба да бидат поканети претставници на граѓанското општество со докажано искуство во соодветните области. Покрај тоа,
  • Националниот совет за евроинтеграции, како и Комисијата за европски прашања треба да одржуваат месечни седници посветени на спроведувањето на клучните реформски приоритети, врз основа на извештаите поднесени од Владата и од страна на независните, надзорни и регулаторни тела и по дискусиите во матичните собраниски комисии.

Претставниците на иницијативата истакнаа дека во текот на целиот процес Владата треба да ги почитува принципите на транспарентност, одговорност, вклучување и ефективност. Неопходно е политичките партии во Собранието на РМ да покажат вистинска посветеност за спроведување на клучните реформски приоритети. Ваква посветеност се очекува и од вонпарламентарните партии, како и граѓанското општество во целина.

Покрај тоа, и надлежните институции во судската власт, како и независните надзорни и регулаторни тела треба да ја покажат нивната посветеност кон спроведувањето на клучните реформски приоритети.

Исто така, неопходно е преземените мерки да бидат насочени кон подобрување на социјалната кохезија на граѓаните и на сите етнички заедници. Во оваа насока, потребно е да се разгледаат препораките од Прегледот на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија од 2015 година.
Од клучна важност е граѓанскиот сектор да биде вклучен во процесот на проценка на сегашната ситуација, како и во мониторингот и евалуацијата на напредокот во спроведувањето на клучните реформски приоритети.
Потребно е да се обезбеди граѓанско учество и на ниво на извршната, како и на законодавната власт, вклучувајќи ја и соработката со судството и независните, контролните и регулаторните тела.

Граѓанските организации кои учествуваа во подготовката на овој документ ќе се заложат и ќе придонесат во натамошната дискусија за начините на вклучување на граѓанското општество во процесот.

Целиот документ е достапен на следниот линк:

Предлог на граѓанските организации за итни демократски реформи