poplava1

poplava1

Поплавата во Скопје која беше предизвикана од поројните дождови на 6 август е една од најголемите природни непогоди кои се случиле во Македонија во последните неколку години. Имено, најпогодениот дел од Скопје, селата Стајковци, Арачиново, Смилковци и населбата Сингелиќ претрпеа огромни штети, кои се проценуваат и до 50 милиони евра.[1]  Поплавата резултираше и со 22 човечки жртви во овие населени места.

Оваа состојба во општеството предизвика високо ниво на солидаризација со настраданите, и голем број на граѓани понудија различен тип на помош за жителите на населените места кои претрпеа најголеми штети, од парични и материјални донации до волонтирање за расчистување на штетите. Но, бидејќи темата беше централна во јавноста, ова овозможи простор за различни објаснувања за катастрофата. Па така, беа присутни различни дискурси, од обвинување на државните служби за несоодветно реагирање при справување со невремето, потфрлање во превенцијата и несоодветна инфраструктура до објаснување за непредвидливоста и високиот интензитет на невремето кое ја предизвика поплавата.

Поплавата се надоврза на политичка криза која трае од последните парламентарни избори одржани во 2014 година и која неретко се опишува како најголемата криза во државата од нејзината независност. Истата е карактеризирана со зголемена антагонизација помеѓу политичките елити и поларизација во општеството. Според мониторингот на квалитетот на дебатата во Собранието кој го спроведува ИДСЦС политичката поларизацијата и кризата се пресликаа и во собраниските дебати. Меѓутоа иако јавноста очекуваше политичките партии во Собранието во услови на ваква катастрофа да настапат поединствено и аргументирано со цел да понудат мерки за ублажување на кризата и да се лоцираат пропустите кои доведоа до големиот број на жртви и штета, тоа не се случи.

Владејачкото мнозинство не ги прифати предлог-заклучоците на опозицијата на чија иницијатива на 15 август, 9 дена по катастрофата, се одржа пленарната седница со единствена точка на дневниот ред „Состојбата во подрачјата погодени од временските непогоди кои се случија на 6 август“. Во предлогот на опозицијата покрај другото се бараше и утврдување на евентуална одговорност на институции и политички претставници. Пратениците од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ гласаа против овој предлог и поднесоа и изгласаа сопствени заклучоци во кои во голем дел се поддржуваа актуелните мерки и напори на Владата кон справувањето со поплавите. Во заклучоците на власта не се иницираше прашањето за одговорност за евентуално потфрлање на институционалниот систем за заштита и спасување.  Опозициските пратеници не гласаа за овие заклучоци.

Втората седница на која требаше да се дискутира околу поплавите се одржа на 16 септември или 40 дена по катастрофата во рамки на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на тема „Надзорна расправа: Примената на законските и подзаконските прописи во областа на хидромелиоративните системи и хидрометеоролошките работи“. На оваа седница пратениците требаше да дискутираат околу начинот на кој институционалниот систем одговори на несреќата. Меѓутоа дискусијата заглави на процедурална тема за како пратениците да ги сослушуваат поканетите сведоци односно министрите од владата и директорите на службите кои се дел од системот за заштита и спасување. Пратениците не успеаја да се договорат за времетраењето на сослушувањата и во тензична атмосфера ја прекинаа седницата без воопшто да почнат да ги сослушуваат сведоците.

Прочитајте ја целата анализа на следниот линк:

Партијата посилна од невремето