logo

Препораки: Како до поефикасна борба против корупцијата?

Share on facebook
Share on twitter

Системот за борба против корупција не функционира. Како последица на тоа се забележува значително зголемување на степенот на толеранција кон корупција. Потребни се итни и опсежни реформи со цел институциите да го повратат интегритетот и повторно да воспостават систем кој ќе ги штити граѓаните кои пријавуваат корупција. Мора да се воспостаи и систем на одговорност со оглед на тоа што здрави институции кои се способни да се борат и да ја намалат корупцијата се оние чии вработени имаат личен интегритет. Ова се дел од заклучоците од конференцијата „Како до поефикасна борба против корупцијата“ организирана од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – ИДСЦС.

Целта на конференцијата беше да отвори дијалог со државните институции, политичките партии и граѓанскиот сектор за надградување на препораките кои граѓанските организации ги понудија во „Предлогот за итни демократски реформи“ кои треба да ја подобрат и обезбедат околината за ефикасна борба против корупција. Претставниците на најповиканите, државните институции, кои директно се поврзани со темата, иако беа поканети не присуствуваа на настанот. Од друга страна поголем дел од партиите кои кандидираат свои претставници на парламентарните избори се појавија и ги презентираа своите планови како да се намали корупцијата вклучително и онаа на највисоките нивоа во државата.

Во првиот панел Миша Поповиќ од ИДСЦС и Слаѓана Тасева од Транспарентност Македонија се осврнаа на интегритетот на институциите и презентираа дел од барањата на граѓанските организации содржани во Предлогот за итни демократски реформи. Според Поповиќ, покрај систем кој ќе овозможи пријавување на корупција неопходни се и воспоставување на систем на заштита на граѓаните кои ќе пријават корупција; поактивно вклучување на Синдикатите околу заштита на административните службеници кои ќе пријават корупција како и воспоставување на систем на одговорност преку кој ќе може да се утврди кој е тој што понесува одговорност доколку се увиди дека институциите не си ја вршат работата или ја злоупотребуваат службената должност.

Тасева посочи дека иако граѓаните разбираат што е корупција сепак намален е процентот на тие што се подготвени да преземат нешто во борбата против неа. Таа укажа на состојба на уназадување на законите, неспроведување на процедурите и нефункционалност на институциите. Тасева дополни дека треба да се посвети особено внимание на работата на јавните претпријатија; да се зголеми интегритетот на Државната комисија за спречување на корупцијата со тоа што за нејзини членови ќе се избираат лица со интегритет кои не треба да зависат од плата од комисијата. Тоа треба да бидат докажани личности во својата професија и да не се политички експонирани. Тасева меѓу другото побара да се направи омбдусман за посебни дејности кој би ги заштитувал правата на вработените, што би овозможило охрабрување и зголемено пријавување на корупција. За борбата со корупцијата важно е да профукционира и законот за укажувачите и институциите да воспостават механизам за пријавување кој ќе функционира под мониторинг на невладиниот сектор.

Во однос на транспарентноста и отчетноста на институциите Поповиќ истакна дека е важно да се отворат податоците за јавни набавки кои ќе бидат јавно достапни што ќе овозможи преку анализа да се види кои случаи на јавни набавки може да се јави корупција. Отворените податоци ќе овозможат и истражувања на социјалните мрежи меѓу учесници во јавните набавки односно институциите кои распишуваат и лицата и фирмите кои најчесто ги добиваат.

konf2

Марија Саздевски од Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС се осврна на постоечките системи за транспаретно креирање на политики што МЦМС го следи преку Огледало на Владата. Таа потенцираше дека практиката на објавување на нацрт законите на единствениот електронски систем на прописи – ЕНЕР иако е обврска за сите институции сепак премногу малку се користи односно во само 20% од случаите. Кај уште помал дел од законите објавени на ЕНЕР е испочитуван законскиот рок од 10 дена за консултација со јавноста. Генералната оценка е дека мал дел од министерствата воопшто спроведуваат проценка на влијание на регулатива односно постапка која вклучува анализа за потребата од некоја регулатива како и процес на консултации со јавноста пред регулативата да стигне на владина седница. Саздевски рече дека е потребно и отворање на самата Влада кон јавноста со цел да се овозможи јавноста да влијае.

Марјан Николов од Центарот за економски анаизи – ЦЕА се осврна на финансиската транспаретност и отчетност. Тој побара да се запрат честите ребаланси на Буџетот, како и пречестите ад хок иницијативи на владата кои ги нарушуваат буџетските проекции и фискалната дисциплина. Николов посочи дека социјалните норми се побитни од формалните иницијативи за претприемништво и затоа социјалната норма треба да се адресира во буџетско планирање со фокус на мали и средни претпријатија. Тој потенцираше дека недостатокот на транспарентност, отчетност и импотентната борба со корупција ја чини Македонија околу 179 милиони евра. Од вкупната сума 3 милиони евра отпаѓаат трошоци поради некомплетни информации , 85 милиони евра поради потценување на финансиски шокови и 41 милион евра поради дискрециони ад хок политики. Како итни мерки Николов предлага поголема партиципација во буџетскиот процес, релаксација на дебатата при донесување на буџет, градење на основен консензус и поддршка на реформи од администрацијата.

Според Александар Цеков од Центарот за развој и креирање политики – ЦРПМ голем недостаток на кој често се посочува во борбата против корупцијата е и слабата институционална меморија и непостоечката колективна меморија. Тој предлага воведување на систем на квалитет во инстицуиите и негово суштинско подобрување, подобрување на интерна комуникација помеѓу секторите и граѓаните особено на локално нив, подобра комуникација помеѓу самите институции. Цеков забележа дека во јавноста често транспаретнноста се поистоветува со промотивни активности, а во суштина на транспарентноста треба да се гледа како на ефикасност во однос на ограничени ресурси и колку со тие ограничени ресурси институциите постигнуваат одреден оптимум. Притоа особено значајно е да се зголеми буџетската транспарентност.

На следниот линк можете да ги погледнете целосните дискусии на претставниците на граѓанските организации како и на претставниците на политичките партии кои на конференцијата ги презентираа нивните предлози за засилување на борбата против корупцијата.

 

Поврзани објави