konf-1

Со оглед на развојот на настаните и продлабочувањето на политичката криза во земјата група граѓански организации излегоа пред јавноста со иницијативата „Предлог за итни демократски реформи“. Документот на концизен начин дава насока за клучните демократски промени во земјата потребни за фер, слободни и кредибилни избори. Со цел јавноста и засегнатите страни подобро да се запознаат со препораките од документот, граѓанските организации одржаа конференција на која се разгледаа реформските препораки.

Конференцијата ја отвори претседателот на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Марко Трошановски. Тој истакна дека поради комплексноста на кризата документот кој го предлагаат здружените граѓански организации мора да се спроведе во целина за да го постигне максималниот ефект, напоменувајќи дека секое негово делумно имплементирање носи ризик за неуспех.

Конференицијата вклучи три сесии во рамки на кои дискутантите се фокусираа на различни делови од Предлогот за итни демократски реформи.

Тема на првата сесија беа реформите во изборниот систем, медиумите, јавните финансии и економијата. Дарко Алексов од Граѓанска асоцијација МОСТ посочи дека Предлогот на граѓанските организации е алатка за тоа како прецизно да се надминат поголем дел од проблемите со изборите и изборниот систем под услов политичките партии да се фокусираат и ангажираат на спроведување на реформите за следните избори да бидат фер и кредибилни. Снежана Трпевска од Институт за комуникациски студии ја истакна важната улога на слободата на медиумите за една држава да се консолидира како демократска. Притоа, заклучи дека во Македонија улогата на комерцијалните медиуми треба да се стави во преден план поради нивната подложност да бидат манипулирани од политичките субјекти. Економистот Бранимир Јовановиќ се осврна на јавни финансии и економијата концентрирајќи се на важноста на транспарентноста во трошењето и полнењето на државниот Буџет. Како лоши примери за тоа како не треба да се управува со јавните финансии тој го посочи издавањето на еврообврзницата под услови за кои јавноста беше многу малку запознаена како и фискалната недисциплина односно јазот меѓу плановите и извршувањето на фискалните политики.

Во втората сесија говорниците се осврнаа на борбата против корупцијата, правосудство и јавната администрација. Данче Даниловска од Фондација отворено општество – Македонија ја истакна важноста на проценката на ризиците од корупција во институциите и развој на план за интегритет на службениците до следните избори. Таа посочи дека треба да се процени кои се слабите алки и каде јавните службеници потклекнуваат под корупција со цел да се надмине системот на корумпирање на одговорните и на службениците во институциите поврзани со изборни измами. Притоа Даниловска образложи дека најважни институции во овој дел кои треба да се реформираат се Државната комисијата за спречување на корупција – ДКСК и Комисијата за слободен пристап до информации.

konf4

Воислав Стојановски од Хелсиншки комитет за човекови права на Македонија се осврна на работата на Специјалното јавно обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и на идејата за формирање не специјализирано судско оделение како и за улогата на граѓанскиот сектор околу работата на овие институции. Симонида Кацарска од Институт за европски политики говореше за препораките во делот на јавна администрација. Притоа фокусот го стави на препораките и вклучувањето на јавната администрацијата чија цел е одвојување на партијата од државата пред изборите. Кацарска говореше за важноста на начинот на вработување и мерките за зајакнување на системот на заслуги во вработувањето во јавниот сектор и на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор во делот на вработувањата.

Теми на дискусија во трета сесија од Конференцијата за Предлогот за итни демократски реформи беше улогата на Собранието, контролата врз полицијата и агенциите за безбедност и разузнавање и граѓанското општество. Јован Близнаковски од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје се осврна на потребните реформи на Собранието како политички орган. Близнаковски ја истакна важноста на улогата на пратениците и политичката волја за остварување на препораките за реформите кои во овој дел ја истакнуваат улогата на парламентарниот надзор и контрола на работата на извршната власт и важноста на регулаторните и надзорните тела. Близнаковски ја потенцираше исклучителната важност на транспарентност на Собранието како претставнички орган осврнувајќи се на потребата од повеќе информаци за работата на пратениците и вклученост на граѓаните во нивната работа.

Андреја Стојковски од Македонски центар за европско образование говореше за препораките во делот на потребата од посилна контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и разузнавање. Стојковски посочи дека тоа во моментот недостасува како и интегритет кај вршителите на функциите што е проследено со недостаток на квалитет и недостаток на знаење. Според него за да се одговори на овие недостатоци реформите треба да ги вклучат не само безбедноста на граѓаните туку и заштита на човековите права, ефективна надворешна и цивилна контрола на полицијата и тајните служби и парламентарна контрола над овие служби и внимавање на професионализмот на службениците кои се вработуваат.

За реформите во делот на граѓанско општество говореше Бојан Маричиќ од Македонски центар за европско образование. Маричиќ се осврна на соработката меѓу граѓанскиот сектор и владата, достапните форми на директна демократија и ревизија на правилата за мирни собири кои беа променети минатата година како и јавното финансирање на невладините организации. Тој се осврна и на потребата од воспоставувањето на консултативни механизми за креирање на јавни политики и донесување закони и подржување на формите на самоорганизирање со цел да се зголеми плурализмот и да се подобри околината за развој на граѓанското општество.

Видео снимка од целата конференција со сите дисксусии говорниците вклучително и прашањата и одговорите од останатите учесници во дебатата се достапни на следниот линк:

 

Граѓанските организации кои се дел од Иницијатива за предлог за итни демократски реформи се:

  • Граѓанска асоцијација МОСТ
  • Институт за демократија „Societas Civilis“
  • Институт за европска политика
  • Институт за комуникациски студии
  • Македонски центар за европско образование – Фондација отворено општество – Македонија
  • Macedonia – Хелсиншки комитет за човекови права
  • Центар за економски анализи
  • ЦИВИЛ – Центар за слобода
  • Бранимир Јовановиќ
  • Драган Гоцевски

Во прилог го имате линкот каде можете да го преземете целиот документ „Предлог за итни демократски реформи“ на македонски, албански и англиски јазик https://idscs.org.mk/mk/novosti/878-inicijativa-na-gragjanskoto-opshtestvo-za-sproveduvanje-na-itni-demokratski-reformi