DSC 0437

Иницијативата на граѓански организации „Предлог за итни демократски реформи“ сака да укаже на јавноста и политичките партии вклучени во преговори, за клучните мерки кои треба да се земат во предвид при за излез од политичката криза во делот на медиуми, избори и правосудство. Во врска со актуелните настани, а во насока на евентуална разрешница на политичката криза иницијативата низ призма на предлогот за итни реформи бара преземање на итни чекори во следните области:

Избори:
Промени во начинот на избор и односите помеѓу стручната служба и членовите на ДИК, ОИК и ИО да бидат составени од 1 член од администрацијата и по 2 члена од партиите на власт и во опозиција и да бидат вклучени во процесот на прочистување на Избирачкиот список; Промени во начинот на креирање на Избирачкиот список, а процесот на негово прочистување треба да биде добро испланиран, транспарентен и инклузивен и да заврши пред распишувањето на изборите; Истражување на сите случаи на притисоци врз вработените во администрацијата, покренување на обвиненија и спроведување на судски процеси.

Медиуми:
Владата веднаш да го повлече Предлог-законот за владино рекламирање со кој се легализираат досегашните коруптивни односи меѓу сопствениците на медиумите и власта. Да се избере нов состав на советите на Агенцијата за медиуми и на Македонската радио телевизија и да се обезбеди одржлив извор на финансирање за да се зајакне нивната независност и професионалност. Нагласуваме дека, насилството против новинарите мора да запре веднаш, а институциите итно да ги расветлат сите досегашни напади.

Правосудство:
Да се обезбеди непречена работа на Специјалното јавно обвинителство – СЈО преку соработка на сите државни органи, можност да предлага заштитени сведоци, посебен оддел во рамките на Управата за безбедност и контраразузнавање – УБК и независен тим од правосудна полиција и продолжување на рокот за поднесување обвинителни акти од 18 на 24 месеци. Законско формирање на ново специјализирано судско одделение кое ќе постапува по предметите на СЈО со избор на судии преку јавна постапка.

Јавни финансии:
Издавањето на Еврообврзницата е нетранспарентно, ја нарушува фискалната дисциплина, води до натамошно влошување на одржливоста на јавните финансии, средствата можат да се користат за задоволување на апетитите на клиентите на владеачката гарнитура. Затоа, еврообврзницата треба да се преиспита низ призма на забелешките од нашиот документ.

Во прилог ви ја испраќаме целата реакција и листата на потписници на иницијативата – mk

На следниот линк можете да го преземете целиот документ „Предлог за итни демократски реформи“ на македонски, албански и англиски јазик https://idscs.org.mk/mk/novosti/878-inicijativa-na-gragjanskoto-opshtestvo-za-sproveduvanje-na-itni-demokratski-reformi