agora logo

Jавната политика е јасно или прикриено насочена акција, утврдена и имплементирана од јавната власт. Во многу примери, јавна политика е и она што државата и институциите решаваат дека не треба да го прават. Следствено, сето она што е утврдено како принцип на делување во врска со некој општествен проблем, или пошироко, некоја област, а чиј носечки субјект е државата преставува јавна политика. Дин Килпатрик ја дефинира истата како „систем на насоки за активност, регулација и приоритети за финансирање кои произлегуваат од јавната власт“.

Оваа студија за јавна политика е фокусирана на третиот аспект на политичкото, односно процесот јавна политика. Додека одлучувањето во врска со генералните проблеми и прашања, како и раководењето со институционалните структури и заштитата на утврдените општествени норми е по правило обврска на избраните (но и именуваните) претставници на граѓаните, формулирањето и имплементацијата на јавната политика во демократските системи е нагласено пофлуиден процес. Тоа значи дека спроведувањето на јавните политики е значително поотворено за „впивање“ на различните општествени интереси застапувани од различни групи, кои не неопходно се интегрирани во државните и институционални структури. Од тие причини, овој аспект на политичкото е попристапен и за оние граѓани кои не се носители на јавни функции. Во оваа точка на конвергенција доаѓаме и до главното поле на интерес на оваа студија, а тоа е граѓанското учество во креирањето и имплементацијата на јавните политики.

Сите чекори од процедурите за создавањето на политики и можноста за граѓанско учество во нив прочитајте ги во студијата „Од нацрт до закон: Креирање политики и граѓанско учество во Република Македонија достапна на следниот линк: http://idscs/agora-sesii-od-nacrt-do-zakon-mk.pdf

Студијата произлезе од проектот „Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“ финансиран од Британската амбасада. Сите материјали од проектот се достапни на следниот линк: https://idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/81-agora-sesii