agora

Борба против корупцијата на сите нивоа, деполитизација на институциите и прочистување на медиумите од државни реклами и говор на омраза. Ова се трите теми на кои експерти и претставници на повеќе од 15 граѓански организации низ процес на дискусија изработија листа на препораки од областа на владеење на правото кои сметаат дека треба да станат дел од програмата за работа на Владата во 2016 година.

Граѓанските организации низ отворена дискусија минатата недела на третата Агора сесија ги допрецизираа своите предлози со кои ѝ препорачуваат на Владата како да се справува со главните предизвици со кои се соочува општеството, а кои дополнително се истакнаа со тековната политичка криза.
Првата цел на препораките е да им послужат на претставниците на граѓанските организации како патоказ за синхронизирана акција насочена кон државните институции. Втора цел е препораките да им послужат и на одлучувачите и донесувачите на политики како патоказ за клучните акции кои што треба да се спроведат во 2016 година.

По дискусијата околу препораките истражувачите на Институтот за демократија Јован Близнаковски и Миша Поповиќ го презентираат и краткиот документ за јавни политики „Во лавиринтите на циклусот за креирање политики. Можности за влијание на граѓанските организации“. Студијата ги анализира постоечките можности за учеството на граѓанското општество во процесите на одлучување и алатките кои им стојат на располагање на организациите во услови кога институциите не пројавуваат интерес за партиципативност односно за пошироки консултации со засегнатитe страни при носењето на одлуките. Целата анализа во која детално се анализира состојбата и се наведени опциите на кои може да се потпрат граѓаните и организациите е достапна на следниот линк: mk

Подготовката на препораките, документот за јавна политики како и Календарот на јавни политики и Базата на експерти од областа на владеење на право се изработени во рамки на проектот „Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“ поддржан од Британската амбасада во Скопје. Сите документи кои произлегоа од проектот може да прочитате на: https://idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/81-agora-sesii/636-agora-sesii.