Граѓанските организации можат да влијаат и да учествуваат во создавањето на политиките, но и да направат проценка какви ќе бидат последиците од конкретна промена на регулативата.
Со цел да го доближи овој процес до граѓанските организации Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во Маврово одржа тридневна обука на тема “Имплементација и механизми за учество на ГО во Процена на влијание на регулативата” како дел од проектот “Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики”.
Претставници на повеќе граѓански организации на сесиите имаа можност да се запознаат со поедичените сегменти кои го чинат целиот циклус на создавање на политика.
Миша Поповиќ и Јован Близнаковски од ИДСЦС одржаа сесија за запознавање со циклусот на креирање на јавни политики, како и можностите за вклучување на граѓанските организации во процесот.
Борјан Ѓузелов од Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС зборуваше за Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР и Огледало на Владата, две корисни алатки кои овозможуваат вклучување на јавноста во процесот на креирање на политики.
Во неколку последователни сесии стручњакот за проценка на влијание на регулативата – ПВР, Ристе Јуруковски, на учесниците им ги објасни значењето на ПВР и клучните концепти и алатки за изведба на ваква анализа. Јуруковски презентираше и конкретни случаи на примена на ПВР.
Третиот ден се одржаа сесии на кои учесниците имаа можност да чујат успешни приказни за граѓански организации за влијание врз креирањето на политики. Андреј Сених од Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ – Скопје го презентираше процесот преку кој организацијата успешно извршила влијание во насока на подобрување на условите за лекување на лицата заболени од ХИВ. Јасминка Фришчиќ од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените зборуваше за искуствата на здружението низ кои успеале да ги убедат институтициите да го вметнат семејното насилство во кривичниот законик како посебно кривично дело.
Обуката која се одржа во хотелот Бистра од 18 до 20 декември е поддржана од Британската амбасада во Скопје, во рамки на проектот „Агора сесии – практикување на партиципативно креирање политики“.
Повеќе информации за проектот „Агора сесии“ може да прочитате на следниов линк: https://idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/81-agora-sesii/636-agora-sesii