Изборна архива на изборите во Македонија од 1990 година до денес е проект на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кој има за цел на едно место да ги собере сите достапни документи за изборните процеси во земјата од првите повеќе партиски парламентарни избори до денес.
Потребата за создавање на Изборната архива произлегува од непостоење на официјална државна архива на сите документи и податоци за изборните циклуси од прогласувањето на независноста на Република Македонија, што е сериозен недостиг на државните институтции и македонската државна историја. Оваа веб архива е наш придонес кон надоместување на овој недостиг.
Изборната архива ги опфаќа сите изборни циклуси од 1990 до 2014 година со достапни документи групирани во 7 секции:
1.    Документ за објавување избори
2.    Избирачки список
3.    Кандидатски листи
4.    Резултати од избори
5.    Извештај од избори
6.    Набљудувачки извештаи од меѓународни и домашни организации
7.    Изборен законик
Изборната архива ги содржи сите документи кои можевме да ги пронајдеме на јавно достапни начини, односно на веб страниците на Државната изборна комисија, Собранието и на невладини организации, преку контакт со домашни организации и преку поднесување на барања за пристап до информации од јавен карактер. Сепак, некои документи сѐ уште не се јавно достапни и останува дополнително да бидат вклучени на Изборната архива. Исто така, голем број на официјални податоци за изборите не се внесени во рамки на конкретни официјални документи, туку нецелосни и несредени егзистираат несигурно во веб просторот. Доколку веб страниците на кои се постирани, од некоја причина престанат да постојат, непознаница е која институција ќе биде одговорна за тоа и каде овие податоци ќе може да се побараат.
Со оваа Изборна архива сакаме да им овозможиме на сите заинтересирани истражувач/ки, новинар/ки, студент/ки и граѓани/ки да имаат единствен директен извор на податоци за изборите во Република Македонија. Исто така, се надеваме дека ќе ги поттикнеме државните институции да ги документираат и архивираат сите официјални држави податоци со цел автентично и официјално да се бележи македонската државна историја.
Доколку имате пристап до некој официјален документ за некој од изборните циклуси од 1990 година, а истиот не е вклучен во архивата, ќе цениме доколку го споделите со нас на мејлот contact@idscs.org.mk.
Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС)