logo

Се одржа промоцијата на книгата “Живот за утре: општествени трансформации во Југоисточна Европа”

promo life for tmr 2
Share on facebook
Share on twitter

promo life for tmr 2

Мнозинство од граѓаните на Македонија, Србија, Косово и Босна и Херцеговина се незадоволни со развојот на демократијата во нивните земји, исто така тие со исклучок на граѓаните од Косово сметаат дека животот во нивните земји е влошен споредено со животот за време на социјализмот. Најголем дел од граѓаните на овие четири земји не се согласуваат со тврдењето дека доколку приватизацијата не се спроведеше економиите на нивните земји би биле во полоша состојба. Ова беа дел од наодите кои беа истакнати на промоцијата на книгата „Живот за утре: општествени трансформации во Југоисточна Европа“ која се случи на 13 октомври, во ГЕМ клубот во Скопје.

Книгата беше промовирана од уредниците:

Илина Мангова од Институтот за Демократија “Социетас Цивилис” – Скопје

Ненад Марковиќ, професор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје

Предраг Цветичанин професор на факултетот за Спорт и Туризам, ТИМС во Нови Сад.

Оваа книга го истражува општествениот живот во земјите во Југоисточна Европа, настанaт како резултат на спојот на формалните институции, создадени во процесот на неолибералната и европска транзиција, и неформалните институции обликувани од културните традиции и искуствата во социјалистичкиот период.

Четири главни целини ја отсликуваат содржината на книгата. Првиот дел расправа за ставовите на жителите на Западен Балкан за транзициските промени и адаптацијата во новите општествени услови. Вториот дел расправа за (не)способноста на општествата од Југоисточна Европа за промена. Третиот дел ја разгледува жената во транзициските процеси во регионот. Во четвртата целина се разгледуваат неформалните институции и практики во регионот.

Изданието произлегува од проектот „Отпор кон социоекономските промени во општествата од Западен Балкан. Тестирање на две теории за општествен развој“, спроведен од Центарот за емпириски културни студии на Југоисточна Европа (Србија), Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (Македонија), Центарот за општествени истражувања Косово (Косово) и Центарот за општествени истражувања „Аналитика“ (Босна и Херцеговина). Овој проект беше реализиран во 2012-2013 година, во рамките на Регионалната програма за промоција на истражувања во Западен Балкан (РППИ), предводена од Универзитетот Фрајбург во тек на мандатот на Швајцарската агенција за развој и соработка, Федерален оддел на Министерството за надворешни работи.

Поврзани објави