sobranie-zgrada

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС) во периодот 5 мај – 6 јуни 2015 година, во рамки на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ спроведе истражување на јавното мислење околу перцепциите на граѓаните за работата на Собранието.

Истражувањето е спроведено по пат на теренска анкета лице в лице на 1000 испитаници, при што се земени предвид половите, возрасните, етничките, образовните и просторните специфики на населението.
Анкетата е составена од 32 прашања.

Некои од клучните наоди на истражувањето во однос на работата на Собранието во последните 12 месеци се:

• 76% од испитаните целосно или делумно се согласуваат дека медиумите известуваат селективно за работата на Собранието.

• Скоро половина од граѓаните – 49% сметаат дека контролата на Собранието врз Владата е мала или изостанува. За 25% контролата е соодветна, а за 10% е голема.

• Само 7% сметаат дека пратеничките прашања овозможуваат контрола на работата на извршната власт. 27% од граѓаните сметаат дека пратеничките прашања немаат никакво влијание.

• Законите се менуваат често или премногу често сметаат 61% од испитаните. Вакво мислење имаат 81% од земјоделците, 67% од вработените во јавниот сектор и 57% од вработените во приватниот сектор.

• Ефикасноста на Собранието за 57% од граѓаните значи тоа да носи што е можно поквалитетни закони. За 7% значи да носи што е можно повеќе закони и законски измени.

• За 49% од граѓаните парламентот не е отворен за јавноста, а 41% сметаат дека е отворен.

• 17% од граѓаните сметаат дека Собранието ја консултира јавноста пред носење на законите секогаш или често, а 41% сметаат дека консултациите се прават ретко или никогаш.

• Пратеникот од нивната изборна единица не е достапен за средби со граѓаните сметаат 56% од испитаните.

• Само 28% од граѓаните сметаат дека пратениците во Собранието ги застапуваат интересите на граѓаните и на изборните единици. За 34% пратениците ги застапуваат личните интереси, а за 32% интересите на партијата.

• Поголем дел од граѓаните сметаат дека повеќето од пратениците не се подготвени за темите од дневниот ред 39%, а 13% дека воопшто не се подготвени. За 35% повеќето од пратениците се подготвени, а само 6% сметаат дека се целосно подготвени.

• 45% од испитаните сметаат дека во последната година Собранието не ја зголемило контролата врз спроведувањето на законите, а 49% се скептични дека тоа може да се случи со овој состав на парламентот.

• Според 49% од граѓаните пратениците ретко ги образложуваат своите позиции и ставови со аргументи . 26% сметаат дека пратениците тоа го прават често.

Целосните резултати од испитувањето на јавното мислење за работата на Собранието можете да ги погледнете на следниот линк mk .

Извештаите од мониторингот на дебатата во Собранието и известувањето на медиумите од минатите месеци во рамки на проектот Парламентот под лупа се достапни на следниот линк https://idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/sobranieto-pod-lupa .