mediumi-april

Медиумите во април го намалија известувањето за случувањата во Собранието. Во објавените информации во кои се споменува Собранието, почесто во фокусот беше актуелната политичка криза и иницијативите за нејзино разрешување отколку работата, дискусиите и аргументите на пратениците на седниците. Многу поретко известуваа за дискусиите на собраниските седници.

Главни извори на информациите кои се однесуваат на Собранието повторно се пратениците. На второ место се членови на политички партии, а на трето се странските претставници, што се должи на нивното вклучување во обидите за решавање на политичката криза во земјата. Застапеноста на владините министри како извори е значително опадната во април споредено со претходните месеци.

Медиумите објавија повеќе информации во кои како извори се наведени пратеници од една политичка опција. Притоа, драстично повеќе се застапени пратеници од владеачките партии, додека опозициските пратеници се најмалку застапени од почетокот на мониторингот.

Јавноста останува генерално недоволно информирана од страна на медиумите за случувањата во Собранието, законите кои се разгледуваат и аргументите кои ги изнесуваат пратениците на седниците.

Ова се дел од наодите во Осмиот извештај од мониторингот на медиумското известување за работата на Собранието mk al спроведен во периодот од 1 до 30 април 2015.

Ова е облакот од најкористените зборови во насловите на текстовите во весниците и во најавите на телевизиските прилози кои се однесуваа на Собранието во април.

Oblak mediumi april

Извештаите од мониторингот на дебатата во Собранието и на медиумското известување за работата на пратениците од минатите месеци можете да ги погледнете на следниот линк https://idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/sobranieto-pod-lupa

Со истражувањето се опфатени објавени текстови и прилози на следните медиуми: Дневник, Утрински весник, Вечер, Слободен печат, Коха, Лајм, Сител, Телма, Алсат-М и МРТ2 програма на албански јазик. Мониторингот е дел од проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делибератививниот дискурс“ финансиски поддржан од Европската Унија.