vladeenje pravo

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) објавува повик за приклучување во база на податоци за експерти во областа на демократија и владеење на право. Базата на податоци ќе биде јавно достапен документ преку кој државните институции, но и други заинтересирани субјекти ќе можат да идентификуваат експерти во поединечни области во сферата на демократијата и владеењето на правото.

Базата на податоци ќе сочинува име и презиме, кратки биографски податоци, електронска адреса, институционален ангажман и ниво на експертиза за поединечни области од сферата на демократијата и владеењето на правото.

Базата на податоци за експерти има за цел да го олесни пристапот на државните институции до експертското знаење во граѓанскиот сектор и академската заедница, како и пошироко. Таа треба да им послужи на институциите при подготовка на анализи на постоечки закони, анализи за проценка на влијание на регулатива и други видови на потребни анализи при креирањето и извршувањето на јавните политики во сферата на демократија и владеење на право. Исто така, базата на податоци ќе им послужи на институциите да го зголемат својот капацитет во процесот на пристапување во Европската унија, посебно при преговорите за поглавјата 23 и 24.

Документот кој ќе ја сочинува базата на податоци ќе им биде доставен на сите државни институции кои работат во сферата на демократија и владеење на право и исто така, ќе биде објавен на веб страницата на ИДСЦС. Пристапувањето кон датабазата е доброволно, а ИДСЦС го задржува правото, во согласност со Законот за заштита на лични податоци, член 8 став 7 „Службен весник на Република Македонија“ бр.7/05, 103/08, 124/10 и 135/11, да ја прошири базата на податоци со експерти кои се присутни во јавната сфера и за кои има јавно достапни податоци.

Доколку сакате да се приклучите на базата на податоци за експерти, Ве молиме да го пополните онлајн прашалникот најдоцна до 29 јуни 2015 (понеделник) на следното мрежно место: http://idscs.limequery.com/index.php/375611/lang-mk.

Доколку имате дополнителни прашања во врска со овој повик, Ве молиме да не контактирате на телефон 02/3094 760 или мејл povici@idscs.org.mk.

Поддржано од Британската амбасада во Скопје во рамките на проектот „Агора сесии“. Повеќе информации за проектот „Агора сесии“ во рамките на кој се изработува базата на податоци за експерти можете да прочитате на следниов линк https://idscs.org.mk/mk/tekovni-proekti/81-agora-sesii/636-agora-sesii

Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје

*ИДСЦС го задржува правото да процени дали нивото на поединечна експертиза ги исполнува критериумите на базата на податоци.